Охрид, 1. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Преполн плоштад, весели лица, богата програма и задоволни гости и домаќини. Вака синоќа Охрид ја дочека Новата 2018-та година со желби за многу здравје, успех и благосостојба.
Иако прославата беше најавена како скромна, убавото време, понудата и настаните од проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“ направија Охрид да биде исполнет како во шпицот на сезоната. – Охрид е преубав град кој го заслужува ова. Новата локална власт ќе направи максимални напори тој да прерасне во вистински Балкански центар, што и навистина го заслужува. Многу здравје, среќа и успех во Новата 2018-та година, им порача на охриѓани и многубројните гости Градоначалникот Јован Стојаноски.
На Градскиот плоштад синоќа имавме навистина богата програма. Ѕвезда на вечерта беше мега-популарниот Даниел Кајмакоски, а покрај него настапија и Анита Мицова, Ансамблот Билјана, младите Ирма Гогова и Ивана Коскоска од OhridSUPERSTAR и Dj Regie Rulles.
Баскер уметниците повторно „ја запалија“ атмосферата и ги забавуваа присутните, а вечерта беше заокружена и со спектакуларен огномет.
– Јас сум од Струга, но во Охрид се чувствувам како дома. Целиот овој регион на Охрид и Струга за мене е за мене едно. Охрид е прекрасен град и Ви благодарам за поканата да ја дочекаме Новата година токму овде, порача Кајмакоски.
Забавата траеше до доцна во ноќта, а за вечерва повторно се најавува богата програма. За прослава на Првата вечер на Новата година на Градскиот плоштад во Охрид ќе се погрижат Dj Jane, Жанко ЗШ Голабоски, Петар Маркоски, а ѕвезди на вечерта ќе бидат Бени и Нон Стоп. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес