Хјустон, 5. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Иако вчерашната вечер донесе само 2 натпревари во НБА лигата, и двата беа многу возбудливи и донесеа одлична кошарка. Голден Стејт Вориорс и Оклахома ги оправдаа фаворитските улоги против тимови од Западната конференција.
Голден Стејт Вориорс победија на гостувањето кај Хјустон Рокетс со резултат 124:114.
Работата на актуелниот шампион личеше олеснета поради тоа што во тимот на Рокетс недостасуваше Џејмс Харден, кој годинава е прв кандидат за МВП трофејот. Но, и во тимот на Вориорс отсуствуваше Кевин Дурент, така што тимовите на почетокот на натпреварот влегуваа без нивните најдобри поединци.
Стеф Кари, Клеј Томпсон и Дрејмонд Грин се погрижија да ја донесат победата за Голден Стејт. Грин имаше трипл-дабл со 17 поени, 14 скока и 10 асистенции, Томпсон имаше 28, а Кари 29 поени.На спротивната страна Крис Пол постигна 28 поени, 7 скока и 9 асистенции, додека Ерик Гордон додаде 30 поени.
https://youtu.be/mAnKg6qVEaI
Во вториот натпревар од вечерта тимот на Оклахома Сити Тандер докаже дека полека фаќаат форма и стигна до победа на гостувањето кај Лос Анџелес Клиперс со 127:117.
Одлична вечер имаше големото трио на Оклахома, составено од Вестбрук (трипл-дабл со 29 поени, 12 скока, 11 асистенции), Џорџ (31 поен) и Ентони (22 поени).
https://youtu.be/IaCCbwjB1ko
Во екипата на Клиперси отпор дадоа вообичаените тројца играчи, Блејк Грифин, Деандре Џордан и Лу Вилијамс, но тоа не беше доволно за да донесе победа за тимот од Калифорнија. (Крај)
извор: Кајгана фото: архива