Охрид, 12. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во полн ек се подготовките за најмасовна црковно- народна манифестација за празникот Богојавление – Водици во Охрид.
Дебарско – кичевската епархија во соработка со општина Охрид, јавните претпријатија, Црвен крст, нуркачкиот клуб „Амфора“ и останатите соработници и оваа година го организира еден од најмасовните празници во Охрид и пошироко, Богојавление Водици.
– Како и секоја година традиционално богослужбите започнуваат во 07:00 часот, а во 08:30 часот започнува литургијата. Во 09:45 часот тргнува литијата од сите парохиски цркви и се упатува кон градското пристаниште, каде во 10:00 часот ќе биде извршен голем водосвет и ќе се положи чесниот крст во водите на Охридксото езеро, изјави Илија Ристески, претставник на Дебарско – кичевската епархија.
Среќниот фаќач на крстот ќе биде даруван од градоначалникот Јован Стојаноски со икона, а МПЦ-ОА ќе му подари златно ланче со крст.
Ристески рече дека пријавувањето на заинтересираните капачи ќе започне од понеделник во сите парохиски цркви, каде пријавените ќе добијат програма и маици. И годинава по традиција, точно напладне на 19-ти јануари во месноста Сараиште ќе биде спроведено групно крштевање.
Претседателот на координативното тело за организација на празникот Водици, Љупчо Грданоски, потенцира дека во тек се активностите во техничкиот дел околу украсаување на светилникот, канделабрите и целиот простор на кој ќе се одржува манифестацијата, а ќе биде расчистен и целиот простор, како и езерското дно.
– Пријавените капачи од 18-ти јануари од 19:00 часот ќе можат да ги вршат превентивните здравствени прегледи во шаторите кои ќе бидат поставени во паркот пред рибниот ресторан и кај Капетанијата, рече Грданоски.
Што се однесува до следниот ден, Денот на рибарите предвидена е богата програма, задолжително учениците од ОУТУ „Ванчо Питошески“ ќе ја приготвата традиционалната рибна чорба, ќе има пача и плашици.
Се очекува манифестацијата во Охрид да ја следат бројни медиумски куќи. По своите духовни и верски вредности, празникот Богојавление- Водици како најмасовна црковно- народна манифестација ги надминува локалните и регионални граници и го привлекува вниманието на голем број верници, гости, туристи и посетители. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес