јануари 15, 2018

Охрид, 15. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓани и по осум месеци немаат добиено обештетување за штетите од земјотресите. За нив, нема ниту денар, ниту пак солидарност, рече на денешната прес конференција претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков.

СДСМ продолжува да ги манипулира граѓаните,  без конкретни нови мерки и преземени активности за решавање на проблемите кои ги мачат граѓаните.

– Околу 870 семејства чекаат финансиска помош од државата за да ги санираат штетите во домовите. 15 од нив немаат ни каде да живеат поради тоа што земјотресот од 3 јули им направил оштетувања од дури петти степен. Владата и локалната самоуправа предводени од СДС треба да се изјаснат зошто сè уште нема одговор и покрај тоа што претходната Општинска комисија за проценка на штети, изготвила елаборатот и истиот бил доставен до Владината комисија уште на 30-ти август. Зошто комисијата е разрешена? Зошто по барањето не е постапено? Свесно ли се прави тоа за да трае тоа долго сè до повторно именување на нов состав на комисијата, праша Пецаков.

Тој рече дека вака се покажува вистинското лице на СДС и пратениците од Охрид, Томислав Тунтев и Жаклина Лазаревска коишто пак претходно не го прифатиле интервентниот амандман од 2 милиона евра со цел за располагање на граѓаните коишто претрпеа штети.

Пецаков побара СДСМ да покаже совест и грижа за граѓаните и паричните средства во најкус можен рок да бидат исплатени на граѓаните.

– Охриѓани заслужуваат искрено внимание и помош од власта и лолаклната самоуправа која има одговорност за нив, а не нивна злоупотреба само кога од тоа се собираат политички поени во време на политички кампањи, рече Пецаков. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука