јануари 16, 2018

Охрид, 16. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Локалната самоуправа објави јавен повик за финансирање на програми и проекти од јавен интерес за општината.

Ќе бидат поддржани здруженија на граѓани, поединци и институции кои обезбедуваат стимулирање и презентација на вредности и достигнувања од јавен интерес во различни области: култура, спорт, образование, социјала, екологија, здравство и млади; традиционални манифестации од локален, регионален, национален и меѓународен карактер, различни видови активности на лица со посебни потреби и подобрување на инфраструктурната состојба на подрачјето на Општина Охрид.

Право  на учество имаат физички и правни лица (установи од областа на култура, спорт, образование, социјала, екологија, здравство и млади, здруженија на граѓани, асоцијации и слично, регистрирани во Република Македонија).

Аплицирањето се врши на стандардизирани обрасци кои се задолжителни за секој апликант и се составен дел на документацијата од самиот јавен повик. Пријавувањето се врши со доставување на пополнета пријава, која може да се најде на веб страната на општината.

Програмите и проектите за кои ќе бидат доделени финансиски средства, треба да се реализираат на територијата на општина Охрид, во текот на 2018 година.

Јавниот повик трае 30 дена, односно до 15-ти февруари.

Оценувањето на поднесените проекти/програми ќе се врши согласно Правилникот за начинот, постапката и критериумите за финансирање на програми и проекти од јавен интерес на општина Охрид за 2018 година. Бројот на поддржани проекти/програми на јавниот повик и висината на средствата со кои ќе се поддржат проектите ќе се утврдат во согласност со буџетот на општина Охрид за оваа година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука