Охрид, 17. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во рамки на одбележување на големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите, Црвен крст Охрид е вклучен со низа активности од областа на здравствено-превентивната и социјално-хуманитарната дејност.
И оваа година во пресрет на празникот, утре од 13:00 часот традиционално градоначалникот на општина Охрид обезбеди и во соработка со Црвен крст Охрид ќе подели 50 хуманитарни пакети со прехрамбени производи и средства за хигиена на социјално загрозени семејства од Охрид.
Во периодот од 19:00 до 23: 00 часот на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. Од Црвениот крст апелираат до капачите да ја проверат својата здравствена состојба и да се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 7.6 °C.
Традиционалната крводарителска акција „Водици 2018“ под мотото „Една капка може да промени се“ ќе се реализира во петок, 19-ти јануари во периодот од 09:00 до 15:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“.
За настанот на осветувањето на водата во Охридското езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид, Црвениот крст ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со 4 тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште, 2 тима на спасители на вода во два спасителни чамци и 4 нуркачки тимови, како и со 7 медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило. Под надзор на спасители и медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе бидат и скокачите по крстот во селото Пештани и во Св.Наум.
На Денот на рибарите, во сабота, тимовите за логистика на Црвен крст ќе распределат дел од рибната чорба на семејствата со социјален ризик во Охрид како и на лица со хендикеп и стари лица кои не се во можност да присуствуваат на овој настан.
Црвен крст Охрид излезе и со препораки за капачите и сите кои во петок ќе бидат присутни на градското пристаниште.
– Со оглед на ниската температура на водата во Охридското езеро – (кај пристаништето 7.6°С), релативно ниските температури на воздухот кои се најавуваат за петок, 19-ти јануари, околу 5°С, југозападен ветар со брзина од околу 20 км/h и разбранувано езеро, повикуваме на исклучително високо внимание и претпазливост на оние кои ќе се решат да влезат во водите на Охридското езеро, велат од охридскиот Црвен крст. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива