Охрид, 25. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охридското основно училиште „Григор Прличев“ е едно од училиштата кое ги задоволи критериумите на Британскиот совет за да биде дел од програмата „Училишта од 21-от век“.
Во согласност со промените на образовните практики на национално ниво, како и развојот на нови едукативни стандарди, Британскиот совет создаде програма за поддршка на основните училишта во регионот, како би им претставиле нови иновативни наставни методи и начини за подобрување на дигиталните вештини на младите. Програмата се реализира во согласност со актуелниот наставен план и програма и ќе им овозможи на учениците да се стекнат со дигитални вештини, вештини за изнаоѓање решенија и вештини за критичко размислување кои се потребни за успешна кариера на работното место или за продолжување со наобразбата.
Со оваа програма се опфатени основни училишта од Западниот Балкан, ставајќи акцент на учениците на возраст од 10 до 14 години. Во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, во програмата се вклучени 10 училишта од Република Македонија со цел да им се овозможи на училиштата пристап до обуки, опрема, материјали и можност за поврзување со други училишта и клучни партнери од Западниот Балкан и Велика Британија.
По селекцијата беше организирана обука за тоа како да се воведат двете основни вештини во образовниот процес. Исто така, селектираните училишта добија 30 микро:бит уреди и обука за нивно користење во процесот на образување. На овие обуки од училиштето „Григор Прличев“ учествуваа наставниците: Марина Танасоска, Лилјана Фанкоска, Цветанка Ристеска и Александар Ангелевски.
Процесот ќе ја поттикне реализацијата на програмирањето во секое училиште-учесник, ќе овозможи пристап до ресурси подготвени од страна на програмските партнери, како и вмрежување на училиштата на државно и регионално ниво.
Со ова, на училиштата ќе им се даде можност да дадат и свој придонес кон програмата „Нови технологии во образованието“ која ќе се одржи од 7-ми до 9-ти јуни, но и да учествуваат во натпреварот „Училишта од 21 век“ преку демонстрирање на ефективна имплементација на програмата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива