јануари 25, 2018

Скопје, 25. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Македонскиот филм „Види ја ти неа“ на режисерот Горан Столески беше прогласен за најдобар во категоријата интернационален краток филм на 34-от филмски фестивал „Санденс“.

Нашиот филм беше во конкуренција со 17 филмски наслови од целиот свет, а жирито во состав: Шерин Дебис, наградувана сценаристка, режисерка и продуцентка, Ширли Мансон – вокалот на познатиот алтернативен рок-бенд „Гарбиџ“ и истакнатиот писател и стрип-автор Крис Вер одлучи да му го даде признанието најдобар.

„Види ја ти неа“ е приказна за младата девојка Анета, која се обидува да ги реши проблемите во семејството и училиштето вклучувајќи се во еден исклучиво машки верски ритуал, скокање по крстот за Водици.

plakat film sara klimoska

Главната улога и е доделена на нашата сограѓанка Сара Климоска, а во другите улоги настапуваат: Игор Ангелов, Пируника Киселички, Антонија Белазелкоска, Милица Стојанова, Жарко Јовановиќ, Иво Антов, Виктор Арсов, Симон Манасковски, Изабела Новотни и Горан Илиќ.

Режисерот Горан Столевски е роден во Македонија, а живее и работи на релација Австралија-Велика Британија. Веќе има реализирано над дваесет кратки филмови, прикажани и наградувани на голем број фестивали низ целиот свет, а минатата година беше поканет да учествува во Талент кампус во рамките на Интернационалниот филмски фестивал во Берлин.

Филмот е  во продукција на Скопје филм студио и Црна мачка продукција, а финансиски е подржан од Агенцијата за филм на РМ.

„Види ја ти неа“ е селектиран на најпрестижниот филмски фестивал за краток филм во Клермон-Феран, Франција, со закажани проекции од 3 -ти до 10-ти февруари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука