Охрид, 29. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – По предлог на градоначалникот Јован Стојаноски на седницата на охридскиот совет беше повлечена Предлог-одлуката за утврдување на висината на надоместокот за поставување урбана опрема во Oпштина Охрид за оваа година и за оваа точка ќе се расправа на наредната седница.
Стојаноски рече дека тоа се прави заради одредени реакции од страна на угостителскиот еснаф и граѓанството коишто се засегнати со таа одлука.
– За некој ден ќе закажиме средба со угостителскиот еснаф и отворено ќе ги просикутираме работите околу наплатата на комуналната такса и надоместокот за поставување на урбана опрема. Сосема е коректно и легитимно од страна на градоначалникот кога реагираат граѓаните или сите оние кои се засегнати од одлуката, да се постапи на ваков начин, подвеле Стојаноски.
Охридските угостители незадоволни, побараа стопирање на предлог одлуката за новите тарифи за поставување урбана опрема и начинот на нивно спроведување. Според нив надоместокот е номинално покачен, а не била наведена висината и начинот на пресметување на комуналната такса, издаток кој законски гледано се пресметува на дневна основа. За угостителите дополнителна компликација во одлучувањето за колкав период да го земат под закуп просторот пред објектот е и фактот што не е извесен исходот на нивниот предлог за измена на Законот за пушење, кој во моментов е во собраниска процедура.
Стојаноски рече дека поскапувањето не било толку драстично колку што во јавноста испаднаа одредени шпекулации.
– Поскапувањето беше само делот на надоместокот за поставување на урбана опрема и тоа само во делот за поставување маси и столици и утврдувањето на периодот за којшто може да се поставуваат масите и столиците, истакна Стојаноски.
Инаку, градските избраници на денешната седница ја усвоија Предлог-програмата за поставување урбана опрема на подрачјето на општина Охрид за 2018 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес