јануари 29, 2018

Охрид, 29. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – За 100 дена мандат на градоначалникот Јован Стојаноски и локалната власт на СДС видовме неспособност, хаос, лаги и понижување, порачаа на денешната прес конференција од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид по 100-те дена мандат на градоначалникот Јован Стојаноски.

– За само 100 дена, граѓаните на Охрид сфатија дека она што СДС им го ветуваше пред изборите, е спротивно од она што СДС го прави после изборите. Каде е градоначалникот? Дали направи нешто во интерес на охриѓани? Ништо не направи, општинските служби ги остави ништо да не работат, имаме само една недовршена патека во дворот на Општината. Имаше средба со лице за кое ја излажа јавноста дека е Шеик, а без ниту една дипломатска средба. Политичките и непринципиелни одлуки и овој пат не го заобиколија Охрид. Нема ништо од големите ветувања на Јован Стојаноски. Единствено се сака со омаловажување и непризнавање на постигнатите резултати од претходната локална власт, да се најде алиби за сопствената немоќ и неспособност да се оствари тоа што беше ветено од оваа локална власт. Од животот кој го ветуваше СДС досега само се видоа планови за поскапување, зголемени трошоци за живот и осиромашување на граѓаните.

– Скандалозната одлука за поскапување на водата,
– За охриѓани нема ниту денар, ниту пак солидарност како обештетување за штетите од земјотресите,
– Незаконската промена  и тортура на директорите од претходната власт на образовни институции, Јавни претпријатија и раководни места во државните институции, а назначување на кадри врз принципот на непотизам и партиска припадност,
– Бркање од работа од училишта, градинки и полиција и вработување партиски послушници на сметка на избрканите стручни и компететни сограѓани,
– Назначување на членови на Управни и Надзорни одбори спротивно на Законот,
– Цвета бизнисот на урбаната мафија која експресно воскресна,
– Серија скандали во ЈП „Градски Гробишта“,
– Уништување на здравството и поигрување со животот на граѓаните, порачаа од партијата.

Додаваат дека градоначалникот Стојаноски ги препишал сите програми од претходниот градоначалник кои ги критикуваше, меѓу кои и онаа за урбана опрема, а за која на угостителите им ветувал дека ќе ја измени, и ќе ги ослободи од истите давачки, притоа безочно лажејќи ги во очи.

– Бевте јаки на зборови и велевте зборот е збор ама гледаме дека не е. Единствено партиски популизам на СДС.
Од Градоначалникот се чека извештај од оствареното и реализираното, а не нови празни ветувања. Лагите излегуваат на виделина. Го прашуваме Стојаноски, кога мисли да почне да работи? До кога ќе се крие од граѓаните и ќе молчи? Можеби ќе ни одговори! На крај се надеваме дека во иднина Градоначалникот и Локалната Самоуправа ќе покажат дека имаат визија како навистина да се развива градот Охрид, а не да ја користат празната флоскула „Живот за сите“ во која и тие самите веќе не веруваат, реагираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука