февруари 14, 2018

Охрид, 14. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – За СДСМ и министерот Роберт Алаѓозовски не се важни граѓаните и во кои рамки ќе се движи културниот живот во Охрид. Тие не сакаат Охрид и охриѓани, како и сите граѓани на Република Македонија и бројните странски посетители да го спознаат бисерот на културата преку бројните афирмирани културни манифестации, реагираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– Во Годишната програма за култура за 2018 година, на Националната установа фестивал „Охридско лето“ од Министерството за култура и се доделени 23 милиони денари, наместо предвидените 53 милиони денари. Министерството јавно и транспарентно да објави како ги доделило понижувачките средства, по кои критериуми и според кои пресметки?
Скандалозен е нискиот буџет и пристапот со кој што Министерството дава до знаење дека историјата на Охридско лето не е важна и не е вредна за внимание. Дали вака доаѓа живот за Охрид и охриѓани во сферата култура? Охридско лето врз основа на годишната програма претрпува културен геноцид. Националната библиотека „Григор Прличев“ во Охрид добива десет пати помалку средства, или 140.000 денари, кои замислете ќе бидат наменети за набавка на ПП апарати. А каде е тука новиот дел на Библиотеката, крилото што започна да се обновува во времето на ВМРО-ДПМНЕ кое стои празно и неопремено и чека за да се доврши, прашуваат од партијата.

Додаваат дека за културната деградација да биде поголема, јубилејното 30-то издание на Поетската ноќ во Велестово не е поддржано од Министерството за култура, а Поетската ноќ во Велестово е втората најстара книжевна манифестација во Македонија.

– И покрај најавите за првпат по многу години Охрид за жал нема да добие нов модерен Театар каде културните и уметничките настани ќе може да се следат во современи услови по сите светски стандарди. Зарем главната заложба на Министерството не е еднакви културни права за сите? Сите овие пропусти доведуваат и поставуваат низа прашања во врска со критериумите, вредностите и начинот на поддршка на културните манифестации во Охрид и Република Македонија. Ништо од ветувањата кои беа најавувани како културна политика, при што децентрализацијата и деметрополизацијата беа истакнувани како едни од клучните стратешки цели и во Нацрт-стратегијата, која до скоро беше нашироко претставувана.
Мора да им се честита на СДСМ и Министерството дека имаат стратегија, но стратегија во која ниту еднаш не е спомнат македонскиот јазик и стратегија за културен геноцид, игнорирање и неподдржување на културните манифестации во Охрид. стои во дописот до медиумите од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука