Охрид, 17. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Народниот театар од Охрид во текот на оваа година репертоарот ќе го збогати со три нови премиери.
Министерството за култура во рамки на програмата за драмска дејност, одобри 2 400 000 денари за реализација на три проекти.
Станува збор за претставата „1984“ од Џорџ Орвел, во режија на Ирена Стеријовска, потоа „Стаклена менажерија“ на текст од Тенеси Вилијамс, под режисерската палка на Софија Ристевска Петрушева и „Каде е пиштолот, господа?“ од Габор Георѓи, во режија на Дејана Николовска.
Покрај тоа, на театарот одобрени му се и 300 000 денари за гостување со претставата „Стари времиња“ во режија на Нела Витошевиќ, на Меѓународниот театарски фестивал во Варна, Бугарија, како дел од програмите за меѓународна соработка и соработка со УНЕСКО.
Инаку, на 23-ти јануари навршија седум години од возобновувањето на театарскиот живот во Охрид. Со одлука на Владата на Република Македонија беше „воскреснат” театарот во Охрид после 50-на години пауза. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива