Охрид, 26. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за финансии на својата веб страница објави оглас за продажба на Специјалната детска болница во населбата „Свети Стефан“ во Охрид.
Станува збор за имот со површина од 6.751 метри квадратни. Планирано е, на местото од некогашната болница во која се лекуваа и рехабилитираа пациенти од цела Македонија да се гради луксузен хотелски капацитет, а според најавите од општина Охрид заинтересирани биле инвеститори од Катар, Англија, Украина и Азербејџан.
Аукцијата ќе се одржи на 24-ти февруари точно напладне. Ова е втор оглас што се објавува за атрактивното земјиште бидејќи првиот пропадна. Почетната цена на аукцијата ќе изнесува 2.655 денари.
Сегашната состојба на овој објект претставува непријатна глетка за минувачите. Некогашната цврста и атрактивна градба се распаѓа. Извадени се прозорците и останатиот инвентар внатре, а не ретко, напуштената болница е повремен дом за наркомани и бездомници. По затворањето беше уништена и документацијата од работењето на оваа установа во која се лекуваа и рехабилитираа деца од цела Македонија,а претходно и од поранешна Југославија.
извор: ОхридПрес фото: архива