февруари 19, 2018

Охрид, 19. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Веруваме во туристичката перспектива на Република Македонија посебно во планинскиот туризам, меѓутоа за тоа да може да се оствари, да биде реална иднина треба имплементирање на квалитет, потенцираат од Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина (МАИВП).

Експертски тим од Меѓународната унија за водичи во планина викендов изврши мониторинг на зимската обука за водичи која се реализира на Попова Шапка. Обуката се врши според IML (International Mountain Leader) еден од двата меѓунаордни стандарди за професионални водичи во планина.

Импровизација со квалитетот и безбедноста во вака сензитивни дејности може да го уништи имиџот на дестинацијата, на професијата и да има повеќекратни лоши последици, потенцира претседателот на МАИВП, Константин Циривири.

– Обуката кај нас за да се стекне називот интернационален водич во планина трае најмалку две години. Нашата лиценца не се купува со пари се стекнува врз основа на исполнување на критериуми во процесот на обука како и во проверка на знаењето, а целиот процес е мониториран од Меѓународната асоцијација. Најважниот контролен механизам се клиентите кои препознаваат каде е безбедноста и квалитетот. Секогаш ќе инсистираме на имплементирање на меѓународните стандарди. Колку повисоки стандарди толку повисоко ќе се крене и прагот на случување на несреќите, да не се случуваат несреќи од банални причини, подвлече Циривири.

konstantinciriviriШто се однесува до немилиот настан кој се случи на Кајмакчалан, каде загинаа двајца млади алпинисти, Циривири вели дека како асоцијација до овој момент ги немаат сите информации. Никој од нивните членови не учествувал во таа акција. Како експерти кои се занимаваат со оваа проблематика сме заинтересирани за секоја случка. Кога ќе ги имаме сите детални информации, ќе имаме свој став, вели Циривири.

– Република Македонија има обучени лица кои го исполнуваат IML стандардот, кој подразбира поседување технички вештини за работа со различни категории клиенти, познавање на теренот, лични познавања на флората, фауната, историските знаменитости на предвидената тура што се нуди како туристички производ, истакна Бил Бејли, претседател на техничката комисија при Меѓународната унија на интернационални водичи во планина, кој беше дел од мониторинг тимот.

bilbejliТој потенцира дека има разлика во водењето група во лето и зима. Водичот треба да поседува лидерски особини, да се грижи за цела група и да биде сигурен дека учесниците во групата ја имаат потребната опрема.

– Она што е добро што се води сметка како за опременоста, обученоста, постои свесност за потребата од соодветно осигурување на сите туристи кои се заинтересирани за планински туризам. Македонската асоцијација на планински водичи врши позитивен исчекор со притискањето врз туристичките агенции за неопходноста од ангажман на професионални водичи, дециден е Бејли.

Во земјава момнтално со лиценца интернационален водич во планина се 140 лица. Од нив само 40 се со статус активно членство, кои учествувале на семинари и тренинзи за усовршување и со тоа ја обновиле лиценцата. Во моментов планинскиот туризам во Македонија има сериозна стапка на раст, предвидувањата се оптимистички, па ќе бидат потребни дополнителни водичи во планина кои ќе одговорат на предизвикот што го има планинскиот туризам. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука