Охрид, 19. февруари 2-18 (ОХРИДПРЕС) – Амбасадорот на Република Полска во Република Македонија Јацек Мултановски, денес беше во посета на Општина Охрид.
На работниот состанок со градоначалникот Д-р Јован Стојаноски се разговараше за зајакнување на билатералните односи помеѓу двете земји, Македонија и Полска, со посебен акцент за унапредување на туристичката соработка. Заеднички беше заклучено дека веќе воспоставената авио линија Катовице-Охрид и Варшава-Скопје што треба да стартува од први јуни годинава се бенефит не само за туристите туку и за Охрид и регионот кои ќе прераснат во транзит зона.
– Во Полска се буди свеста дека Македонија е интересна дестинација и токму затоа директните авио линии ќе им овозможат на нашите граѓани да ги запознаат Охрид и Македонија, подвлече Амбасадорот Мултановски.
На средбата двете страни се согласија дека новина во унапредување на меѓусебната соработка е воведување на бесплатни курсеви по полски јазик кои на долг рок ќе дадат позитивни резултати во насока на подобар сервис за полските туристи. Се разговараше и за можноста во иднина да има размена на студенти, односно дека кај нас ќе доаѓаат интелектуалци кои македонскиот јазик го изучуваат на Катедрата на Универзитетот во полскиот град Катовице.
Заеднички беше заклучено дека планираното културно катче кое ќе се отвори во Младинскиот Културен Центар е потврда за добрите односи помеѓу Полска и Македонија. (Крај)
извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид