Охрид, 22. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот угостителски еснаф е задоволен од исходот на разговорите со локалната околу начинот на регулирање на постапката за поставување урбана опрема (маси и столици) пред деловните објекти. Единствено не се убедени во законитоста на плаќањето на надоместокот за закуп.
По вчерашната, втора последователна средба на угостителскиот еснаф и сите засегнати страни од една страна и градоначалникот и службите од локалната од друга, беа усогласени ставовите околу поставувањето и надоместокот за урбана опрема и комуналната такса.
Претседателот на еснафот на угостители од Охрид, Михаил Мишев, подвлече дека седниците поминале во посветена, работна атмосфера, со желба од двете страни да се изнајде решение. Голем дел од работите ги средивме, локалната најде слух прво да не ислуша, вели Мишев.
– За голем дел од работите коишто произлегуваат од практичниот дел, начинот на наплата, ние како еснаф сме задоволни дека најдовме разбирање кај надлежните, во смисла на олеснувања, воведување зимска и летна тарифа, што беа работи кои години наназад ги побарувавме од локалната самоуправа, но од за нас непознати причини не ни беше излезено во пресрет, истакна Мишев.
Тој потенцира дека копјата единствено се кршеле околу една клучна точка заради која се продолжила и расправата, а тоа е колку е легитимна ставката – краткотраен закуп на земјиште.
– И првичното поскапување што беше во првата предлог одлука на советот, се содржеше токму во таа ставка. Ние како еснаф се залагавме таквата закупнина да биде целосно повлечена, а како антитежа на тоа да се покачи комуналната такса. Сите сме јасни дека давачката треба да се плаќа и најдовме модус за сето тоа. Единствено што не се согласивме беше околу законитоста и легитимноста на прашањето за закупот, колку е тој во нашиов случај законски издржан, рече Мишев.
Разликата во цена за двете давачки е незначителна. Кога ќе се направи аритметичка средина, сега има различно тарифирање, во лето повисока ставка, во зима пониска. Меѓутоа кога сето тоа ќе се подели, доаѓа незначителна разлика. Олеснувањето е што сега го регулиравме начинот на плаќање, го нема веќе авансното побарување на надоместок, туку ќе се плаќа на месечна основа.
И долгогодишниот охридски угостител, Љупчо Патчев е задоволен од постигнатото и се согласува дека големо олеснување за угостителите претставува укинувањето на авансното плаќање.
– Со градоначалникот најдовме разбирливо решение, големо олеснување ни е тарифирањето по сезона. Друга работа, досега бараа однапред плаќање, а сега надоместокот да се уплати од 1-ви до 5-ти во месецот. За нас е трошок вака или онака, но ова е големо олеснување. Сега останува да ја видиме одлуката на Советот. Што се однесува до покачување на цените како што беше најавено дека ќе биде 50-60% такво покачување нема, рече Патчев.
Што се однесува до точката по која имало несогласување, Мишев како претседател на еснафот рече дека ќе продолжат да бараат законско решение. Следува седницата на Советот, кога треба да биде изгласана одлуката, тогаш може да се рече дека работата е завршена, рече тој.
Според договореното, комуналната такса за вршење дејност ќе се плаќа на почетокот на секој месец, по цена од 10 денари за зона А, 7,5 денари за зона Б и 5 денари за зона В, во периодот од мај до октомври (летно тарифирање), а за периодот од октомври до мај (зимско тарифирање) да се плаќа по 5 денари за метар квадратен во трите зони. Елаборатите кои досега се изработуваа за секоја година, во иднина ќе важат и за следната, доколку во меѓувреме не е донесена нова годишна програма или не се сменил корисникот.
Надоместокот за поставување на урбана опрема на јавни површини односно на градежно изградено и уредено земјиште, согласно законските прописи ќе се плаќа врз основа на склучен договор за краткорочен закуп и за времетраење кое корисниците го побарале пред склучувањето на договорот. Висината на надоместокот на месечно ниво, за метар квадратен, ќе биде 300 денари за зона А, 250 денари за зона Б и 200 денари за зона В (летно тарифирање) и по 150 денари за трите зони, за периодот од октомври до мај (зимско тарифирање). (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес