Охрид, 7. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Испитување на можностите со селскиот водовод да стопанисува и да го одржува МЈП „ Проаква“-Р.Е Водовод-Охрид, побараа жителите на Куратица на синоќешната средба со градоначалникот Јован Стојаноски и општинските служби.
Освен тоа било побарано и да се оспособи за сообраќај веќе пробиениот пат до селото Брежани во општина Дебрца, да се асфалтира патот до црквата Света Богородица, да се подобри мрежата за улично осветлување и да се наложи, ГП „Гранит“ да ги исчисти каналите кај каменоломот со кој стопанисува.
Претставниците на локалната одговорија дека ќе се одржат дополнителни средби со месната заедница, на кои ќе се договара динамиката за етапно решавање на споменатите и другите комунални проблеми.
Инаку, со синоќешната средба завршија планираните активности на градоначалникот, општинските служби и директорите на јавните претпријатија за посета и разговори во сите урбани и месни заедници на територијата на општина Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: општина Охрид