Скопје, 15. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ), пред претстојната манифестација Денови на македонската музика (ДММ), соопшти дека годинава наградата „Трајко Прокопиев“ му се доделува на музикологот, публицист, новинар и општественик Марко Коловски.
Оваа награда претставува највисоко професионално признание кое го доделува СОКОМ на музички творци и музички писатели за долгогодишни значајни остварувања во областа на музичкото творештво и музикологијата.
Коловски е роден на 25-ти ноември 1957 година во Струга и е првиот завршен музиколог на тогаш „младиот“ Факултет за музичка уметност во Скопје.
– Со сиот свој творечки опус и паралелно со тоа со својата многустрана дејност во областа на музичката култура и културата воопшто, Марко Коловски во изминатите речиси четири децении од неговата творечка активност стана не само столб на македонската музикологија и музичка култура, туку, во многу нешта – и посебен авторитет и своевиден „еталон“ за проценка на дострелите на другите чинители и појави во македонската култура, велат од СОКОМ.
Во текот на својот извонредно богат и плоден творечки живот Марко Коловски беше истакнат уредник во Македонската радио-телевизија и, паралелно со тоа извршувал низа значајни општествени и други функции. Автор е на голем број книги посветени главно на македонското творештво, а за две од нив е добитник на наградата „Панче Пешев“ за најуспешно остварување во областа на музичкото творештво и музикологијата.
Автор е и на десетици статии и есеи за различни стручни прашања , автор или ко-автор на повеке монографски изданија пишувани по повод јубилеите најважните институции кај нас, учесник е во низа енциклопедиски проекти.
Наградата на Марко Коловски ќе му биде врачена на свеченото отворање на 41-вите Денови на македонска музика на концертот на Македонската филхармонија, во четврток, 22-ри март во 20:00 часот. (Крај)
извор: kultura.gov.mk фото: архива