Струга, 22. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во повеќе краишта на Република Македонија, празнувањето на празникот Младенци е ден поврзан и со враќањето на птиците преселници.
Како што забележал Д. Матов, на овој ден доаѓал штркот, за што во струшки Дримкол бил посебен ден, кој асоцирал на бериќет.
Во врска со тоа е и верувањето дека ако човекот гладен (на гладно срце, како што се вели) слушне пеење на овие птици, (ластовици, кукавица, пупунец и др.) ќе биде разбиен од нив, ќе се разболи или не ќе има напредок во текот на целата година. Во таа смисла е и записот на Јордан Хаџи Константинов-Џинот објавен во „Цариградски весник“ од 1852 година: „Деветти март кога ќе влезе, сите, мали и големи треба уште во постела да каснат по еден залак леб, за да не ги „пробие“ ненадејно ластовица, дури до Благовец. Исто така, ќе се чуваат и од штрк, да не го видат со боси нозе, т.е. без чевли.“
Според некои записи, се верувало колку ластовици ќе видел човек на овој ден со толку облека ќе се подновел во текот на годината. (Крај)
извор: ОхридПрес/МИА фото: архива