Охрид, 25. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – И покрај тоа што Охридското Езеро во моментов е на 693,96 метри надморска височина, односно на 21 сантиметри над максималната граница од 693,75 метри, денес на истекот на езерото во реката Црн Дрим беа отворени само две порти.
испуст на Охридското Езеро кај Струга 25.03.2018 година (11:30 часот)
Тони Маркоски, раководител на сектор во ХЕС Црн Дрим, неодамна истакна дека максималниот испуст што може да се направи од езерото е 75 метри кубни во секунда, што значи дека во моментов се испуштаат 20-30% од таа вредност. Деновиве во Охридското Езеро има прилив од 140 метри кубни во секунда вода или на дневно ниво водостојот на езерото расте за два до четири сантиметри. Како што истакна Маркоски, веќе месец и пол двете хидроцентрали на ХЕС Црн Дрим, ХЕЦ Глобочица и ХЕЦ Шпилје работат со полн капацитет и го испуштаат максималното дозволеното ниво на вода што може да пројде низ турбините, а за да се испушти вода низ прелицните испусти потребна е дозвола од Министерстовто за животна средина и другите надлежни органи.
– Улогата на ХЕС Црн Дрим е да го регулира нивото на води и да балансира меѓу нивото на Охридското Езеро, но и нивото на Црн Дрим кое може да предизвика поплави во Струшко поле и во селата покрај реката. До 1965 година Охридското Езеро воопшто не беше регулирано, а откако почна регулацијата е спречено поплавувањето, рече Маркоски.
Нивото на езерото во месец март е зголемено за 37 сантиметри
Особено е алармантна состојбата со малото пристаниште во Охрид, кое денес скоро комплетно беше под вода. Силниот јужен ветер и големите бранови од последното поголемо невреме повторно го начнаа и дополнително ја влошија, и така лошата состојба во која се наоѓа со години. И покрај тоа што имаше неколку планови за негова санација, а дел од нив одеа и до изградба на угостителски објекти на овој потег, сепак со години состојбата е непроменета, а забот на времето секојдневно си го прави своето.
Погледнете во каква состојба беше утрово.
Според метеоролозите времето денес ќе биде променливо облачно, попладне и во ноќните часови со врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните и јужните делови. Максималната температура во Охрид ќе се искачи до 6. степени.
– Врнежите ќе бидат пообилни во текот на ноќта, особено во југоисточните и западните делови (локално над 20 л/м2), каде снежната покривка на планините значително ќе се зголеми. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. И во првите два дена од следната недела ќе се задржи променливо облачно време со локални врнежи од дожд, на планините од снег. Дневните температури ќе бидат во благ пораст. Потоа следува период на стабилно и суво време со значителен пораст на дневната температура, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес