март 28, 2018

Охрид, 28. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Општина Охрид денеска го објави архитектонскиот Конкурс за избор на идејно архитектонско решение за реконструкција на плоштадот „Чинар“ во стариот дел на Охрид.

– Плоштадот се наоѓа во заштитена споменична целина. Предметниот простор нуди убави места за одмор, прошетки, место за организација на културни и забавни манифестации, во моментов е привлечен меѓутоа истовремено недостасуваат квалитетни содржини, за создавање на модерно урбано катче, се наведува во објавената документација. Реконструктивниот зафат ќе го опфати сегментот од улицата „Туристичка“ до самиот чинар во правец исток-запад и од постојниот паркинг до крајот на чаршијата во правец север-југ, јави порталот build.mk.

Општинските власти планираат да извршат ново поплочување на плоштадот „Чинар“ и да постават нови канделабри и партерно да го уредат просторот околу самиот чинар. Постојниот паркинг во близина плоштадот би се отстранил, а планирано е да се реконструира и фонтаната. Архитектите можат да добијат подетални информации за барањата на општина Охрид на следниов линк. Изготвените идејно архитектонски решенија треба да се достават до локалната самоуправа најдоцна до 3-ти мај.

На распишаниот конкурс е предвидено да се доделат три архитектонски награди. Првата награда е во висина од 100.000 денари, втората награда е во износ од 30.000 денари и трета награда од 20.000 денари. За избор на победничките архитектонски трудови ќе одлучува оформената комисија во состав: Билјана Ангелоска, Марија Коруновска и Татјана Стојческа. (Крај)

извор: build.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука