Охрид, 30. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Дебарско – кичевската епархија го објави распоредот на богослужбите за претстојните Велигденски празници.
Во недела, 1-ви април, на празникот Цветници, ќе има Бдение со „Последование на Женихот“, едноцрквие во црквата Св.Богородица Каменско со почеток во 17:00 часот.
На Велики понеделник и Велики вторник во истата црква од 07:00 часот ќе се одржуваат Часови и Преждеосвештена литургија, едноцрквие, а од 17:00 часот Бдение со „Последование на Женихот“, едноцрквие.
На Велика среда, од 07:00 часот повторно Часови и Преждеосвештена литургија-едноцрквие, а од 17:00 часот ќе има Мало повечерие со канон во сите парохиски цркви во Охрид.
На Велики четврток од 07:00 часот во сите парохиски цркви ќе има Утрена со Василиева литургија со општ маслосвет. Вечерта од 18:30 часот Бдение со читање на 12-те Страсни Евангелија.
На Велики петок – Царски часови со вечерна богослужба и изнесување на Светата Плаштаница, со почеток во 07:00 часот. Вечерта од 19:00 часот – „Оплакување и опело на Христа“.
Во сабота, кога се одбележува и празникот Благовештение, во сите парохиски цркви ќе се служи Василиева литургија, со почеток во 08:30 часот.
Воскресната богослужба по повод големиот празник Велигден, во сите парохиски цркви ќе започне во 23:30 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива