Охрид, 2. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во чест на академик Цветан Грозданов, Општина Охрид денес ќе организира комеморативна седница во Големата Сала на општината.
Академик Грозданов почина по долгогодишни здравствени проблеми, на 82 годишна возраст. Тој беше еден од најреномираните византолози на Балканот, оставајќи зад себе огромен легат на полето на црковната ликовна уметност и нејзината историја. Особено ќе биде запаметено неговото дело посветно на Св. Климент Охридски.
Академик Цветан Грозданов е роден во Охрид на 5-ти март 1936 година. Дипломирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Белград, на групата за историја на уметноста. Специјализирал историја на византиската уметност во Париз. До пензионирањето, во 2001 година, бил редовен професор на скопскиот Филозофски факултет. Член е на МАНУ од 1991 година. Тој беше првиот министер за култура на Република Македонија и поранешен Претседател на Македонската академија на науките и уметностите, во периодот од 2004 до 2008 година.
Меѓу неговите последни дела е колор-монографијата за манастирот „Св. Наум Охридски“, промовирана во 2015 година, како и книгата „Студии за охридскиот живопис“ VI том од Собраните дела на академик Цветан Грозданов, промовирана во ноември минатата година. На промоцијата беше прикажан и филмот посветен на него „Меѓу иконите и фреските“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива