Охрид, 3. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од проектот „Живеј здраво, живеј безбедно“, во четврток во Охрид ќе се одржат спортски игри кои имаат за цел да се промовираат здравите животни навики.
Со промоција на здравиот начин на живот и здравата исхрана, преку спортските игри учениците ќе испратат пораки за превенција од насилство, дрога, алкохол и цигари. Акцијата се реализира по повод „Светскиот ден на здравјето“ кај градскиот парк на улица „Кеј Македонија“ (наспроти Центарот за култура „Григор Прличев“) во четврток, 5-ти април со почеток во 11:30 часот.
– Настанот опфаќа реализација на повеќе активности. Се планира да бидат присутни по две екипи од по пет ученици од осумтте основни училишта од Охрид, односно вкупно 80 ученици и 20 дечиња од ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, како и волонтери од Црвен Крст и Извиднички одред „Пионер“, информираат организаторите.
Акцијата е во организација на Општина Охрид во соработка со СВР Охрид, Црвен Крст, Извиднички одред „Пионер“, основните училишта и ЈОУДГ „Јасна Ристеска“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива