Охрид, 3. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот Јован Стојаноски, денеска имаше средба со министрите за земјоделство на Република Македонија, Љупчо Николовски и на Република Албанија, Нико Пелеше.
На средбата доминираа прашања поврзани со можностите за интензивирање на соработката за заштитата на Охридското Езеро, одржливо управување со природните ресурси и креирање на заедничка туристичка понуда.
Големите проекти, како што се заштитата и управувањето со Дримскиот басен и прогласувањето на охридско-преспанскиот регион за биосферен резерват се добра основа за креирање на акциски прекугранични планови и реализирање на заеднички одржливи проекти. Затоа, градоначалникот Стојаноски од министерствата и владите на Република Македонија и Република Албанија побара поддршка на проектите за заедничка, интегрирана заштита на Охридското Езеро, како светско природно богатство заштитено од УНЕСКО. Тоа, според него, ќе овозможи со трансгранични проекти да се користат средства од меѓународните фондови за одржлив развој на регионот.
Министрите за земјоделство Љупчо Николовски и Нико Пелеше со нивните соработници денеска, разговараа за заедничките мерки за заштита на охридската пастрмка и белвица на македонската и албанската страна на Охридското Езеро. (Крај)
извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид