април 3, 2018

Охрид, 3. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Локалната самоуправа од Охрид повеќе нема да толерира нелегално поставување урбана опрема на јавни површини.

Сите субјекти кои веќе ја поставиле урбаната опрема, а за тоа не добиле одобрение ќе бидат соодветно санкционирани, беше заклучено на денешната работна средба на градоначалникот Јован Стојаноски и претставници од УЈП, Државниот пазарен инспекторат и СВР Охрид со угостителите, тезгаџиите и останатите корисници на урбана опрема.

– Помина доволен период во којшто ние како локална самоуправа, иако не мораше покажавме трпение за угостителските објекти во градов кои нелегално поставиле урбана опрема. До 10-ти април годинава, оној кој што нема одобрение за поставување урбана опрема, а истата ја има поставено ќе добие прекршочни санкции. Законско право е физичките и правни лица да поднесуваат барање за поставување урбана опрема и подоцна меѓутоа до тој момент не смеат да ја поставуваат урбаната опрема. На пример, дозволено е таа опрема да се поставува за три месеци, од јуни до септември и за тој период сопствениците мора да ги подмират обврските кон општината, рече градоначалникот Јован Стојаноски, кој потсети дека програмата за поставување урбана опрема е донесена во месец февруари годинава и дека на барање на туристичките работници таа може да претрпи измени и корекции, но доколку тие се законски оправдани.

На средбата туристичките работници беа информирани дека во сила се измените од Законот за забрана за пушење цигари според кои е дозволено пушење исклучиво надвор од деловниот објект, на отворен простор, тераси или бавчи.

– Деловниот објект од терасата мора физички да биде одвоен. Казната според законот за прекршоци е варијабилна од 1.200 до 1.500 евра и зависи од остварениот вкупен приход за претходната година, изјави Цветко Ристески од УЈП.

На средбата со чинителите во туристичката дејност кои користат урбана опрема се разговараше и за останати проблеми со кои тие се соочуваат, со цел истите да се решат пред стартот на сезоната, во насока на плодно и бериќетно лето. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука