Охрид, 5. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Денеска е Велики четврток, па според обичајот домаќинките утрово ги вапцаа првите црвени јајца
.
Првите три јајца вапцани утрово пред изгрејсонце. Според традицијата, в зори на Велики Четврток треба да се вапца барем едно црвено јајце.
Првото вапцано јајце му се наменува на Господ и се нарекува Господово јајце. Второто е за домаќинот на семејството. Третото за бериќет и за стоката. За првото јајце се верува дека има магична моќ, па затоа неговото место е под иконата. Во народните преданија се вели дека со него се лекуваат одредени болести.
И во вапцувањето јајца, како и во сите други нешта што се работат, секогаш е најважна добрата мисла. Така, штом излезат првите сончеви зраци на Велики четврток, домаќинката или кој било што ги вапсува јајцата ги буди најблиските и со првото јајце им поминува по лицата изговарајќи ги три пати зборовите: „црвено, бело, дебело“!
Инаку, вапцувањето на јајцата за Велигден е еден од најасоцијативните обичаи за самиот празник, што, всушност, претставува симбол на животот и на раѓањето.
Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето не потсетува на крвта Христова и спасението. Црвените јајца во христијанството се симбол на воскресението Христово и на самиот празник Велигден. Формата го претставува гробот на Христос, како што од јајцето излегува живот кога ќе се испили, така од гробот излегол Исус Христос.
Утринава во сите парохиски цркви во Охрид се одржа Утрена со Василиева литургија со општ маслосвет. Вечерва од 18:30 часот ќе има Бдение со читање на 12-те Страсни Евангелија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива