Охрид, 6. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Денешниот ден се смета за најтежок празник кај христијаните, на денешен ден е распнат Исус Христос. Познат е како Велики петок, Велипеток или Распет петок.
Велики петок, наспроти вообичаеното одбележување на верските празници со свети литургии и принесување на таканаречената бескрвна жртва, се празнува со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји. Според преданието, Христос починал на крст во „шестиот час на денот, а завесата на ерусалимскиот храм во истиот тој час се преполовила, сонцето се замрачило, мртвите станувале од гробови, а сите ѕвона се распукале”.
Оттогаш, на Велики петок бијат дрвени ѕвона, а камбаните не ѕвонат се до недела, кога за првпат ќе ја огласат радоста на Христовото воскресение.
Одлуката за погубувањето на Христос на Велика среда ја донело Еврејското црковно собрание (Синедрионот), а тој бил пронајден и уапсен кај Гетсеманската градина, по Тајната вечера ноќта меѓу Велики четврток и Велики петок. По импровизираното судење, Христос бил изведен пред Понтиј Пилат, римскиот намесник за Јудеја, кој го предал на народот, кој пак го осудил на смрт. Откако ја изрекол пресудата, Понтиј Пилат ги измил рацете и му се обратил на насобраниот народ со зборовите: „Јас не сум виновен за смртта на овој праведник”.
Разбеснетиот еврејски народ кој го барал христовото распнување и смрт извикувал: „Крвта негова на нас и на нашите деца”.
Потоа, со венец од трње на главата Христос го носел својот крст до ридот Голгота, каде што е распнат и каде пред да испушти душа побарал прошка од Бога за своите џелати извикувајќи: „Оче, прости им зашто не знаат што прават”.
Времето на смртта и симнувањето на телото Христово од крстот во Црквата се одбележува со вечерно богослужење и со посебен ритуал на изнесување на покривката, на посебно украсена маса пред олтарот кој го симболизира гробот на Христос. Потоа трипати се обиколува црквата со покривката што го симболизира Исусовото погребување придружено со звуци на тропала. Црвената прекривка на која се извезени слики од Господовото страдање стои пред олтарот и се целива до денот на неговото воскресение. Обичај е на тој ден да се вапсаат велигденски јајца во црвена боја, која со симболичка смисла ја претставува невино пролеаната крв на Христос. Според христијанското учење, страдањето му претходи на воскресението, а без страдање и смрт нема воскресение.
Православниот канон за Велики петок предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле. (Крај)
извор: МПЦ ОА фото: архива