Охрид, 13. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Првиот петок по Велигден се вика Источен Петок Балаклија.
Тој спаѓа во Светлата недела поради што некои го викаат и Светол Петок, а поради тоа што во Светлата недела се блажи, може да се сретне и како Благ Петок.
Со овој празник, посветен на Пресвета Богородица, и’ се оддава признание на мајката Божја, поради тоа што непосредно по Велигден нема друг празник поврзан со нејзиното име. Поради тоа што Богородица му ги миела раните на Исус, на овој ден луѓето ги посетуваат изворите ги мијат лицето и очите, или три пати преку себе префрлаат вода од изворите. Поради тоа најчесто овој празник се празнува во црквите што се покрај извори. Според легендата изворот Балаклија, поврзан со името на Пресвета Богородица, се наоѓал во близината на Цариград и во него имало златни риби.
Легендата за Балакли Ајазмото во Цариград
Тоа било во времето кога Турците го опосадувале Цариград. Не еднаш овој град бил опсадуван од Варварите, но ѕидовите на тврдината биле јаки, високи и дебели, одбраната им била добро организирана и на крајот секогаш Варварите биле принудувани да ја повлечат опсадата. Цариград бил опсаден и сега, но тоа не ги вознемирувало многу неговите жители, убедени дека и сега опсадата ќе заврши со повлекување како и во минатото.
Еден калуѓер од блискиот манастир, голем гастроном, пржел риба кај планината. Кај него дотрчал еден војник од одбраната на тврдината и извикал:
– Спасувај се! Турците го пробија ѕидот на тврдината и навлегоа во градот!
– Ти пријателе, ми изгледаш многу исплашен. Турците да го пробијат ѕидот на тврдината? – Тоа е невозможно! Тоа е исто како да поверуваш, дека еве оваа пржена риба ќе скокне од тавата во водата и ќе почне да плива!
И се случило чудо: испржените од едната страна риби, скокнале од тава во водата и почнале да пливаат во неа. Калуѓерот поведувал дека Цариград паднал. А полуиспржените риби се намножиле во ајазмото. Од таа причина рибите во ајазмото од една страна се црни, а од другата – светли.
Богородица Балаклија (Рибја Богородица) е првиот петок по Велигден. Тој ден болните најмногу одат на лековитите води. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива