Охрид, 19. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Ние сме одлучни дека во Дебрца нема да дозволиме изградба на регионална депонија и против реализацијата ќе се бориме со силата на фактите, но и со се што е во наша моќ да и обезбедиме на нашата општина здрав развиток, потенцира д-р Јадранка Бибан во пресрет на најавениот протест за в недела.
Протестот ќе започне во 11:00 часот, во атарот на селото Ботун, на местото викано Царополе, со истовремено ѕвонење на сите камбани во Дебрца, во траење од 15 минути, со што симболично ќе биде најавен почетокот на Еко Револуцијата.
Во периодот од 11:55 до 13:55 часот предвидена е протестна блокада на магистралниот пат Кичево-Охрид во двата правци.
За време на блокадата на присутните, на сите граѓани на Република Македонија и на Владата ќе им бидат презентирани непобитни факти за неопходноста од стопирање на проектот за изградба на регионална депонија во Дебрца, рече Бибан.
– Целта на нашиот протест е уште еднаш да се слушне нашиот глас против одлуката да се гради депонија, што впрочем беше и покажано со референдумот кој се одржа минатата година, на кој 87% од населението на Дебрца се изјасна против. Аргументите кои се непобитни и кои цврсто покажуваат дека таквата одлука на Владата е катастрофално погрешна и штетна, не само за оптината, туку и за целиот охридски регион, ние ги публикувавме во печатена форма и уште во јули лани ги доставивме до сите релевантни институции и до премиерот Заев, лично, потенцира Бибан.
Проектот за изградба на депонијата е изработен од грчката фирма „Енвироплан“, во соработка со македонското министерство за животна средина и просторно планирање.
– Досега ги слушавме само изјавите на оние кои ја работеа студијата, оние кои беа платени да за да ја изработат и затоа упорно ја бранат истата, но никогаш не ни беше дадена можност да се слушнат нашите аргументи. Па, одлучивме дека е потребно на ваков начин да ја запознаеме македонската јавност, рече Бибан.
Од Координативното тело поддршка за протестот побараа од сите политичари, политички партии, граѓански здруженија, јавни личности; МПЦ-ОА, како и од Градоначалникот и советниците од Охрид.
https://youtu.be/NRidZgokKh4
(Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес