април 23, 2018

Охрид, 23. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Регионална депонија ќе има и мора да има, посебно од аспект на општината, проблемот е само локацијата, нешто што секако ги засега граѓаните, потенцира градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски.

Според него треба да има корекции во физибилити студијата.

– Сметам дека треба да има корекции во физибилити студијата и тие корекции најверојатно кога ќе седнат на маса претставнци од ресорното министерство, премиерот и претставници на општините од југозападниот регион, кога ќе има добра елаборација ќе дојдеме до заедничко решение кое ќе биде од полза за сите граѓани. Треба да се седне да се разгледа студијата, а многу од граѓаните не знаат што таа содржи, заради тоа што јавната презентација не е извршена на соодветен начин, подвлече Стојаноски и додаде дека на таквата презентација ќе бидат артикулирани сите прашања и ќе може да се менаџмент планот за управување со отпадот.

Според архитектот и професор Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет во Скопје, иако како установа не се вклучени во процесите, апсолутно постоењето регионална депонија е насушна потреба.

ognenmarina– Собирањето на отпадот има суштинско влијание на квалитетот на живеење во градовите.  Ние мора да најдеме систем кој ќе функционира беспрекорно. Во однос на реализацијата, таа секогаш зависи кон што целите. Еве на пример искуството од Шведска е добредојдено. Тоа е земја која во последните 70 па и повеќе години континуирано инвестира во својата одржливост токму во делот на третманот на отпадоците. Таму се градат инсинератори каде што се гори ѓубрето, се произведува био гас кој се користи за јавниот траснпорт, се генерира енергија… Меѓутоа, тоа не може да се прави парцијално, мора да има систем којшто ќе овозможи да се корстат овие придобивки, вели професорот Марина.

Инаку, Македонија до 2020 година ќе мора да го реши проблемот со дивите депонии. Идејата за регионална депонија во Дебрца е стара неколку години. Најнапред, со средства на ЕУ, беше изработена стручна студија за најповолни локации за изградба на регионална депонија во Југозападниот плански регион во кој спаѓаат општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар, Центар Жупа, Кичево, Македонски Брод и Пласница. Во неа беа посочени 4 локации, а како најпогодна за изградба на регионална депонија се издвојува село Годивје во општина Дебрца. Но, жителите на Дебрца на протест, а и претходно на референдум масовно кажаа НЕ на владината намера за изградба на регионална депонија кај селото Годивје. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука