април 30, 2018

Охрид, 30. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Речиси една година по серијата земјотреси што го зафатија охридскиот регион, физичките и правните лица сеуште чекаат обесштетување.

За крајот на месецов беше најавенио дека Републичката комисија ќе ги извести Владата и општината за висината на обесштетувањето, но и на последниот ден тоа не е сторено.

На 29-ти март од Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди било побарано корекција на елаборатот во делот на табеларниот преглед од прва, втора, трета и четврта категорија, изјави Радован Велјаноски, претседател на комисијата.

radovanveljanoski

– Корекциите ги изготвивме и елаборатот на 2-ри април го вративме назад. Сега е во постапка и се чека секој момент да помине на седница на Влада и да се донесе заклучок за обесштетување од земјотресите, потенцира Велјаноски и додаде дека секојдневно добива по 20-на повици од граѓаните кои се интересираат до каде е постапката.

Велјаноски убедува дека обесштетување ќе има, останува да се види само сумата. Деновиве може да биде соопштена одлуката.

– По донесување на одлуката се задолжува Министерството за финансии преку трезор, процентот на средства што ќе ги одобри Владата се префрлуват на посебна трезорска сметка на локалната самоуправа и комисијата понатаму ги обесштетува граѓаните, односно парите се префрлаат на нивните трансакциски сметки, подвелече Велјаноски.

Серијата земјотреси кои лани го зафатија Охрид започнаа на 18-ти јуни, а најсилен беше потресот на 3-ти јули во 13:18 часот со јачина 5.1 степен.

Па, сега обесштетување очекуваат 862 субјекти, од кои 62 се деловни субјекти, а останатите се физички лица. По извршениот увид, во август минатата година општинската комисија соопшти дека оштетувањата на објектите се од прва, втора, трета, четврта и петта категорија. Вкупната штета кај индивидуални објекти изнесува 48 милиони, а кај деловни субјекти 9 милиони денари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука