Охрид, 4. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во пресрет на главната туристичка сезона, во текот на месец мај и почетокот на јуни, со бројни акции, ќе се чисти Охрид, но и пошироката околина и околните планини, информираат од Општина Охрид.
– Активностите ќе започнат утре, сабота, 5-ти мај, кога ќе се спроведе Акција за генерално чистење на Општина Охрид. Во истата ќе учествуваат охридските Јавни претпријатија и општинската администрација. Предвидено е чистење на магистралниот пат Охрид-Св. Наум, на потегот до населбата Св. Стефан, плажата од Горица III до Детското одморалиште, скалите и Спомен паркот на револуцијата, како и поширокиот потег на улицата „Јордан Мијалков“, потегот од улица „Никола Карев“ до Булевар „Туристичка“, како и делот од реката Грашница до хотел „Мизо“ и целиот простор околу ОУ „Св. Климент Охридски“, информираат од охридската локална самоуправа.
Во текот на месец мај ќе започнат и активностите во рамките на проектот „Еко Галичица 2018“. Ќе се лоцираат дивите депонии околу населените места на Галичица, затоа што на овој потег состојбата на ова поле е загрижувачка. Кон средината на овој месец предвидени се планинарски и велосипедски ЕКО Патроли по означени патеки низ Галичица, по што ќе се пристапи кон чистење на истите, се` со цел да се пречекаат подготвени љубителите на планините и авантуристичкиот туризам, кој е во сериозен подем во последно време.
– Како заокружување на акциите, а во насока на подигнување на свеста, особено кај најмладите, за значењето на чистата околина, во организација на Супер радио ќе се одржи голема акција за чистење „Мој Охрид, чист Охрид“ на почетокот на месец јуни. Носечка сила на оваа акција ќе бидат учениците од сите охридски основни и средни училишта, кои ќе спроведат акција за комплетно чистење на централниот дел на градот, со акцент на плажите, кои се најпосетени во текот на летните месеци. Во акцијата ќе учествуваат и граѓаните на Охрид, бројни претпријатија, спортски и еко организации и претставници од дипломатскиот кор во земјата, додаваат од Општина Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива