Охрид, 19. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Ми претставува огромна чест и задоволство да Ви се обратам како претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Охрид. Довербата која ја добив од партијата за мене е поттик и можност заеднички да работиме, потпирајќи се на принципите на чесност, посветеност и одговорност, истакна на денешната прес конференција Сашо Донев, новиот претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.
– Членовите и симпатизерите на нашата партија веќе знаат дека заедно го започнавме процесот на внатрешна консолидација и обединување на сите структури. Тоа мора да се почувствува и во месните комитети за да донесе освежување и зајакнување на партиското јадро. Во таа насока ќе се продолжи и во периодот кој следува. Избран е новиот состав на Општинскиот комитет, а во тек е повикот за членови на партиските комисии. Tимот во наредниот период ќе ги слушне потребите и проблемите на граѓаните. Ќе се слушнат мислења и предлози на секој граѓанин од Општината. Добредојдени ќе бидат и критиките за евентуалните пропусти од минатото и ќе се извлече поука истите да не се повторат. Во новиот тим имa луѓе кои се компетентни во секој момент остро да се спротивстават на оваа ненародна власт која е најголемата несреќа која можеше да и се случи на Македонија. Во идниот период ќе бидеме меѓу народот обединети околу идејата за силен и просперитетен Охрид заеднички ќе го трасираме патот на новите големи изборни победи, истакна Донев.
Тој напомена дека поминува нешто повеќе од половина година откако СДСМ ја има целокупната власт во Охрид, а ветениот живот за граѓаните на Охрид никако да дојде.
– Колку побрзо оваа политичка гарнитура предводена од СДСМ си замине од власт толку побрзо ќе се врати просперитетот и општиот напредок на Охрид и Македонија. Втори јуни е денот кога ќе започне Вашето заминување од власт! Онака како што Ве инсталираа, македонскиот народ ќе Ве деинсталира! Охрид и Македонија повторно ќе победуваат и повторно ќе зборуваме за проекти и развој! Почитувани сограѓани ви порачувам да споредите што направило ВМРО-ДПМНЕ, и што направило СДСМ во минатото. Вие изберете кој се залагаше за подобар Охрид ценете и одлучете по вложената љубов и труд.
Вратите на ВМРО-ДПМНЕ, ОК Охрид се отворени ширум за сите коишто се чувствуваат подготвени своето професионално знаење да го стават во функција на напредокот на Охрид и Македонија, додаде Донев. (Крај)
извор: ФБ ОК ВМРО-ДПМНЕ фото: ФБ ОК ВМРО-ДПМНЕ