Скопје/Охрид, 22. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Стопирани се инфраструктурните проекти на Галичица и автопатот Требеништа-Струга, како и железничката делница Кичево – граница со Албанија, порача Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната седница на собраниската Комисија за култура.
Во рамките на оваа средба се одржа првата надзорна расправа за Законот за управување на светското природно и културно наследство во Охридскиот регион и сродната регулатива во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на приодното и културното наследство.
– Станува збор за конкретните проекти, со кои се идентификувани проблемите во Извештајот и Одлуката, а тоа се: изградбата на автопатот А2 (делница Требеништа-Струга), изградбата на експресниот пат А3 (делница Охрид-Пештани), изградбата на експресниот пат А3 (делница Пештани-граница со Република Албанија) и изградбата на железничката делница Кичево – граница со Република Албанија како дел од Коридор 8, истакна министерот Сугарески кој наведе и што е преземено по препораките на УНЕСКО, па затоа времено се стопирани инфраструктурните проекти.
Тој рече дека сепак ќе мораме да имаме во предвид дека се работи за проекти кои ги поврзуваат Пан-европските коридори и кои се многу значајни за регионалниот развој на Република Македонија.
– Средствата во висина од 86 милиони евра ги пренаменивме за реконструкција на 26 патни правци. За проектот што се однесува во делот на железничката инфраструктура за идна изградба на железничка линија од Кичево до Албанска граница, сериозно ги разгледуваме сите финансиски и технички аспекти со оглед на тоа дека препораките укажуваат на промена на трасата. Формирана е комисија која заедно со УНЕСКО ќе работи на надминување на проблемот, рече Сугарески. (Крај)
извор: МН фото: архива