Охрид, 3. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Целава измината недела ги премолчуваме соопштенија, изјавите и пресконференциите на новото раководство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со надеж дека ќе се отрезнат и дека ќе ја согледаат и прифатат својата примарна обврска, стои во соопштението од ОО на СДСМ од Охрид.
Тие бараат одговор на неколку прашања, кои според нив, се од суштински интерес за целата јавност, а и за нивната партија.
– Најпрво, не интересира ставот на новата гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид во поглед снимките од „Вистината за Македонија“. Ако ставот е дека се сечени, лепени и монтирани, тогаш не постоеше никаква потреба од вашите внатрепартиски „реформи“, можевте едноставно да ја оставите партијата на истата криминална структура која ја разнебити Македонија во изминативе 10 години. Следно, за сите учесници од злосторничкото здружение на Никола Груевски има по неколку кривични пријави, а самиот Груевски од пред некој ден е и осуден на 2 години затворска казна. Од друга страна вие упорно ги споменувате „успесите“ на вашата партија за време владеењето на Никола Груевски, а во неколку наврати и инсистиравте на споредување со актуелната власт. Почитувани колеги, да не се работи за некакаква заблуда? Апелираме да ги консултирате вашите претпоставени од централата во Скопје, бидејќи ние, а и целата јавност, верувавме дека суштината на внатрепартиските кадровски промени е да се исчисти партијата и нејзиното име од срамот што и го нанесоа Груевски и фамилијата. Ако сами не можевте да сфатите и ако нам не сакате да ни верувате, верувајте им на своите партиски членови кои денеска јасно ви ја испратија пораката. На протестот за кој со денови повикувавте очигледно не успеавте да ги однесете ни сопствените фамилии. Да не шпекулираме со бројки, Ве охрабруваме сами да доставите фотографија од местото на поаѓање, па граѓаните сами нека оценат, стои во соопштението.
Додаваат дека основна обврска на ВМРО-ДПМНЕ е најпрво да се оградат од криминалите на нивните претходници, а потоа можеле да дискутираат за актуелната власт и локална и централна.
– Ќе можеме да ги слушнеме вашите критики, ако се конструктивни секако да ги прифатиме. Ќе можеме да дискутираме и полемизираме на било која тема во било кое време. Меѓутоа, најпрво морате да ја извршите вашата историска обврска од која зависи иднината на вашата партија, а тоа е, да се оградите и да го осудите сето она што и го направија вашите претходници на оваа држава, реагираат од ОО на СДСМ од Охрид. (Крај)
извор: СДСМ фото: ОхридПрес