јуни 3, 2018

Скопје/Охрид, 3. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Бројни охриѓани беа меѓу учесниците на големиот митинг кој синоќа во организација на ВМРО-ДПМНЕ се одржа пред Владата на Република Македонија во Скопје.

Во триесетминутниот говор, пред десетици илјади граѓани од повеќе градови во државата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски разреши две клучни дилеми, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за измени на Уставот за промена на уставното име „Република Македонија“ и ќе бара предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со претседателските во април наредната година.

– Сакам во оваа прилика да повторам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Устав, а со цел промена на уставното име. Од ова појасен став нема, рече Мицкоски и повтори дека сите информации околу текот на преговорите ги добива исклучиво од медиумите.

Барањето за предвремени парламентарни избори можеби не е големо изненадување за домашната јавност. Сепак Мицкоски постави услови, идентични на они кои беа во 2016 година кога ВМРО-ДПМНЕ ја загуби власта.

– Ајде да подготвиме чист и еднаков терен за сите политички партии. Ајде да избереме претседател на ДИК на предлог од опозицијата. Ајде да формираме техничка влада на 100 дена пред предвремените парламентарни избори, впрочем исто како што беше во 2016 година кога Зоран Заев и СДСМ ги загубија изборите. Ајде да видиме дали народот се согласува со ова што го прави Зоран Заев и СДСМ, кажа Мицкоски.

Во својот говор тој не се дистанцираше или огради од членовите и симпатизерите на партијата кои се обвинети за насилствата од 27-ми април.

– Додека патриотите се во затвор, криминалците се на слобода, рече тој.

Тој се осврна и на неговото политичко и лидерско искуство, велејќи дека не се лути што многумина се уште се сомневаат во неговите способности.

– Пет месеци сум со вас. Тоа е многу малку. Некои имаат повеќе, некои имаат помалку доверба во мене. Некои велат дека сум нечија сенка. Некои веруваат дека сум донесен да направам нешто и да си заминам. Не барам да ми верувате на мене. Барам да си верувате самите на себе, рече Мицкоски.

Тој ја критикуваше работата на Владата и нејзините решенија, но изненадувачки и Владата која ја предводеше неговиот претходник Груевски.

– Не велам дека порано немало исти или слични работи и дека ВМРО-ДПМНЕ не треба да биде критикувано. Време е да поставиме систем на вредности и на принципи. Мора одлучност. Тоа е тоа што треба да го наметнеме. На Македонија и е потребна нова генерација политичари, рече тој.

Мицкоски најави дека во партијата се работи на програма која брзо ќе биде промовирана во јавноста која ќе може да реши многу проблеми и ќе покаже што може и што носи „ оваа генерација“ на ВМРО-ДПМНЕ.

На почетокот на своето обраќање тој кажа дека пред граѓаните стои третата генерација на ВМРО-ДПМНЕ кој учела од првата и втората. Пред бината речиси и да немаше никој од „втората генерација“. Поранешниот лидер и премиер Никола Груевски, министрите Миле Јанакиески, Владимир Пешевски, Никола Тодоров, Никола Попоски, Гордана Јанкулоска, блиските соработници Сашо Мијалков, Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски не беа присутни на првиот голем настан откако оваа партија замина во опозиција.

На протестот беа емитувани и пораките со поддршка од премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, и лидерот на Европската народна партија, Жозеф Дол. (Крај)

извор: ВОА фото: ВОА

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука