Охрид, 8. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Повеќе од 1.500 учесници се најавени за првото издание на големата ЕКО акција за чистење на крајбрежјето на Охрид „Мој Охрид, чист Охрид“, која ќе се одржи утре со почеток во 10:00 часот.
– Интересот е навистина огромен и на наше огромно задоволство охриѓани ја препознаа акцијата како своја и масовно се пријавуваат за учество на истата. До овој момент имаме пријавени околу 1.500 учесници, а испраќаме апел и до сите други да дојдат во најблиската зона до нив и да помогнат да го направиме нашиот прекрасен Охрид уште поубав. Оние кои ќе бидат спречени да дојдат на лице место, нека направат своја „мини акција“ во домовите, зградите, фирмите и секаде каде се во можност. Организирани се сите технички делови на акцијата и извршена е детална координација со одговорните во ЈП „Охридски комуналец“ и општина Охрид. Се` е подготвено за првото издание на акцијата и се надеваме дека ќе имаме убаво време и успешна акција, порачуваат организаторите.
Големата ЕКО акција „Мој Охрид, чист Охрид“ ќе се одржи во утре, сабота 9-ти јуни со почеток во 10:00 часот. Ќе се чисти на потегот од населбата Воска до хотелот „Десарет“, поделен на 9 реони. Првиот реон е комплетно чистење на плажата кај Воска, следен реон е Стариот град, потоа потегот од мостот до плажата „Golden beach“, потоа до „Славија“, зона 5 е од „Славија“ до хотел „Аквалина“, потоа до хотел „Гранит“, следната зона е до хотел „Метропол“, зона 8 е од хотел „Метропол“ до плажа „Атлантис“ и последниот реон е до Пештани и хотел „Десарет“. За сите учесници се обезбедени вреќи, вода и ракавици, а посебни екипи на охридскиот Црвен крст со медицински ранци ќе се при рака при евентуални поситни повреди. Исто така е обезбеден превоз со автобуси на АД „Галеб“ до подалечните плажи (тргнувањето е од пред ОУ „Григор Прличев“ на Бул „Туристичка“ од 09:00 до 10:00 часот). На крајот на акцијата, вработените во ЈП „Охридски Комуналец“ ќе го соберат ѓубрето и ќе го однесат на соодветна локација. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива