Охрид, 13. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Одлуките за зонското паркирање и цената на паркирањето се во насока на подобрување на сообраќајот во градот и поефикасно регулирање на паркирањето. Со нив се намалува цената за паркирање во Охрид и нема додавање на нови улици кои ќе се користат како паркинг простори, појасни градоначалникот Јован Стојаноски, по реакциите во јавноста дека градско подрачје е претворено во паркинг зона.
– Претходно цените за паркирање во Охрид, кои се` уште важат се 40 денари за Зона А и 30 денари за Зона Б. Со оваа нова одлука има намалување на цените и се формираат нови три зони во рамки на паркинг просторот во Охрид. Цените ќе бидат 30, 20 и 10 денари, рече Стојаноски.
Што се однесува до наплатата на паркинг на булеварот „Туристичка“ и улицата „Јане Сандански“, Стојаноски дециден дека уште во 2013-та година, со одлука на тогашниот Совет, овие две улици се ставени во режимот на паркинг простор во рамки на општина Охрид.
– Со одлука на совет од 2013 година е утврдено на кои улици се допушта паркинг простор и во тие одлуки се наведени „Јане Сандански“ по цела должина и булевар „Туристичка“. Ниту јас како градоначалник, ниту Советот ќе донесе одлука со која овие улици се додаваат, истите со одлука се ставени во режимот на паркинг простор во рамки на општина Охрид. Од 2013-та кога е донесена одлуката до 2017-та година воошто не е вршено наплаќање на овие улици, а тоа е заради неподготвеноста на ЈП „Билјанини извори“ во однос на недоволен број контролори, табли, обележување на паркинг места, вели Стојаноски и додаде дека се очекува со наплата да се започне од месец септември.
Согласно член 2 и член 348 од Законот за безбедност на сообраќајот, „Туристичка“ е магистрална улица, а не магистрален пат. Тоа е суштинската разлика, улица е во, а магистрален пат е вон населено место, па според тоа градоначалникот има право да одлучува за режимот на сообраќај и паркинг просторите, појасни Стојаноски.
Градоначалникот потенцира дека интенција на локалната е да го модернизира наплатувањето на паркинг услугите, бидејќи само Охрид и Струга се градови во Македонија каде не се врши наплата по пат на SMS систем. Ова не е новина во светот, ние сме туристички центар и ова можеби требаше од поодамна да се воведе. Ова е почеток, кој ќе продолжи со изградба на катни гаражи.
– Во 2013 година, кога јас бев советник, добивме физибилити студија во која беше наведено дека системот ќе чини над 100.000 евра со провизија за приватниот партнер од 25,5%. Сега целокупниот најмодерен систем го добиваме за 400.000 денари во која влегуваат цел софтвер, телефонски броеви, инфо табли, дисплеи за слободни места, а плаќаме провизија од 14%, истакна Стојаноски.
Во однос на сообраќајот во стариот дел на градот, ќе биде регулиран согласно новиот режим на сообраќај, кој наскоро ќе биде ставен на јавна расправа и ќе биде објасната долгорочната стратегија за сообраќајот во овој дел.
Во моментов на располагање се 950 паркинг места. Доколку одлуките утре поминат на седницата на градскиот Совет, ќе се чека седум дена за објавување во Службен весник, по што ЈП „Билјанини извори“ ќе може да ја отпочне постапката. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес