Охрид, 18. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Членови на Здружението за велосипедизам, планинарење и еко-култура „Зш Авантура“ викендов спроведоа велосипедски еко патроли на планината Галичица.
Во саботата се маркираа критичните точки на потегот Охрид-Велестово превој Крстец, во должина од 30 километри, а вчера патролата се одвиваше на потегот Охрид-Трпејца-Корита-превој Баба, со вкупна должина од 76 километри.
– Ги мапиравме најкритичните места на кои забележавме најразличен вид отпад, а тоа се особено околу видиковците и селата, по што следуваат акции за расчистување на последиците од нашата некултура. Од сите места што досега ги имаме поминато, имаме богата фото документација, со што планираме да организираме и изложба, вели претседателот на здружението, Жанко Голабоски.
Акциите ќе продолжат и понатаму. За следната недела веќе е најавен планинарски марш на кој ќе учествуваат и други планинарски и еколошки друштва од земјава.
Велосипедските еко патроли беа дел од проектот „Еко Галичица 2018“, кој продолжува во следните пет месеци. Повторно ќе бидат спроведени еко патоли, едукација на населението и чистење на планината Галичица. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес