Избор Охрид

Гордиев јазол околу изградбата на минарето на Алипашината џамија во Охрид

Охрид, 19. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Реконструкцијата на Алипашината џамија, која започна пред две години во центарот на старото градско јадро во Охрид, ја разбранува не само охридската туку и целата македонска јавност. Причина се обвинувањата дека градежните работи не се одвиваат според предвидената законска регулатива.

Едни од најгласните се членовите на граѓанското здружение „Совест“, кои досега одржаа неколку прес-конференции и трибини за да посочат на овој проблем, а се обратија и до највисоките државни инстанци, до УНЕСКО, бидејќи Охрид со своите културни, историски и природни реткости е под заштита на оваа организација, па дури и до претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Одговорот од УНЕСКО, поточно од помошник-генералниот директор за култура, пристигна неодамна, а беше адресиран до претседателот на здружението „Совест“, Михаил Трендафилов, и во него, меѓу другото, се вели: „Во име на генералниот директор ви се заблагодарувам за писмото од 23-ти март во врска со состојбата на заштитата на природното и културното наследство во охридскиот регион. Бидете сигурни дека ќе ја имаме предвид вашата загриженост и внимателно ја следиме состојбата на конзервација на овој имот, што ќе биде разгледано на 43-та седница, а во согласност со став 174 од оперативните упатства за имплементација на Конвенцијата за светско наследство, информациите што ги доставивте се пренесени во Скопје за натамошно разгледување“, објави весникот Нова Македонија.

alipasina dzamijaУправата за заштита на културното наследство, дозволата за конзерваторски и реставраторски работи и реконструкција на Алипашината џамија ѝ ја издаде на Исламската верска заедница на РМ – муфтиство Охрид. Проектот го изработи МЗТ „Инженеринг“ ДОО – Битола, а е финансиран е од Република Турција, како донација на Директоратот на вакуфите од Анкара.

Од Заводот и музеј велат дека навистина минарето треба да биде високо 32 метри, но се чека и на одобрување од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во Скопје. Дури потоа дополнително ќе се бара од Министерството за транспорт и врски одобрение за реконструкција на минарето.

Од здружението „Совест“ посочија дека на осми јуни изминале две години од издавањето на конзерваторското одобрение на кое се повикува Заводот и музеј Охрид, кој е носител на проектот за реконструкција на Алипашината џамија и сега е потребна нова градежна дозвола според законот за градење, за што се неопходни нова процедура и целосна документација.

– Ние како здружение бараме почитување и чување на културното наследство, а не вандализам. Со истекувањето на градежната дозвола таа станува дивоградба и не може да се легализира, па неопходно е Државниот градежен инспекторат да реагира. Во точка 6 на конзерваторското одобрение е наведено дека „работите можат да се извршат врз основа на правосилно одобрение, во согласност со прописите за градење, објасни Томе Џамтоски, член на „Совест“.

dzamijaohridcentarТој своето тврдење дека е неопходен сериозен третман во решавањето на овој проблем го поткрепи и со документот во кој Паско Кузман, тогашен директор на Заводот за заштита на споменици, се обраќа до тогашниот градоначалник на Охрид, известувајќи го дека на просторот на старото градско јадро „се откриени археолошки остатоци на римска градба, терма, керамика од бронзено време, античка гробница и разни садови што се наоѓаат и под Алипашината џамија“.

– Евидентно е дека џамијата од 16 век е изградена врз темелите на црквата „Свети Никола“, чии сводови сѐ уште можат да се забележат. Во контекст на овој документ, во согласност со Законот, тие се должни просторот околу џамијата археолошки да го испитаат. Но не само што не го прават тоа туку рушат, уништуваат и ништо не заштитуваат. Здружението „Совест“ поднесе кривични пријави против поранешната директорка на Заводот и музеј, градежниот инспекторат и Управата за заштита на културното наследство и судските постапки се во тек, вели Михаил Трендафилов, претседател на „Совест“.

Од здружението дополнија дека побарале прием кај претходниот министер за култура Роберт Алаѓозоски, но не биле примени, па се надеваат дека со нив ќе разговара актуелниот министер за култура. Министерот за култура во декември најави стопирање на изградбата на џамијата и комплетно ревидирање на целиот проект, поради големиот број законски пропусти, но градежните работи не запреа до денес.

– Министерството за култура нема ништо против обновувањето и заштитата на културното наследство, вклучувајќи ги тука и верските објекти, но сакаме тоа да се спроведува во законска процедура, почитувајќи ги сите прописи и постапки што се однесуваат на заштитување објекти со историско значење, стои во соопштението на Министерството издадено во февруари годинава.

dzamija3– Ние биеме битка со државата, упорни сме, активни и сакаме проблемот до неговото решавање постојано да биде во фокусот на јавноста. Здружението „Совест“ е сѐ повеќебројно, имаме поддршка од населението, па може да се случи да прераснеме во локална охридска партија, велат од „Совест“.

Тие бараат да се реновираат и остатоците на црквата „Свети Никола“, да има и минаре и камбанарија едно до друго, што би било убав пример за соживот. Од друга страна го поставуваат прашањето дали минаре високо 32 метри нема да ја смени сликата на Охрид, кој во светски рамки веќе е познат како град на 365 цркви и како православен Ерусалим.

Од општината Охрид велат дека, според Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство (популарниот закон за Охрид), станува збор за комплекс што се протега на 87 хектари.

– На овој простор има заштитени објекти како споменици на културата и ние како општина бараме за нивна заштита да се грижи Министерството за транспорт и врски. Основниот проблем на Заводот и музеј и Управата за културно наследство е што немаат план за заштита на културното наследство. Според членот 97 од Законот за градење, дозволена е реконструкција на постоен објект, но доколку постои имотен лист. Има уште една цака, во истиот закон, според членовите 75 и 76, може да се издаде дозвола за градба доколку има војна, земјотрес, природна непогода. Но во случајот такво нешто нема и од Заводот и музеј сакаат да го изиграат законот. За истиот објект во 2002 година е побарано одобрение за реконструкција, но во тој план нема џамија и минаре, туку е предвиден деловен простор на тоа место. Всушност, минарето во овој проект се појави пред две години, а кај нас има документација за првобитниот план за реконструкција, потпишан од Заводот и музеј, каде што минарето го нема, објаснуваат од општината.

dzamija1Токму поради сите овие недоречености, од здружението сакаат да се расветли овој случај.

– Евидентно е дека се` се одвива во тајност и нетранспарентно. Имаше и табла забрането снимање, како и закани до новинари. Одвреме-навреме со мрежи се покрива целиот објект, но забележани се багери што со купишта бетон, несовесно ги покриваат трагите од нашето културно наследство старо со векови, констатира Џамтоски.

Од здружението „Совест“ се едногласни дека во нивните реакции нема ни верска, ни политичка, ни етничка омраза кон никого.

Ние си го сакаме Охрид и сите што сме родени во Охрид треба да се избориме Алипашината џамија да стане културно наследство, затоа што како таква е прогласена. Ги прашуваме сите архитекти инволвирани во овој случај да објаснат од архитектонски, естетски, културен, социјален или кој било друг аспект, да дадат одговор дали ваквата градба му треба на Охрид. Ние сме убедени дека на минарето не му е тука место и подготвени сме да ги соочиме нашите аргументи и на јавна дебата со сите оние што сега се кријат зад името на институциите што ги претставуваат, соопштуваат од „Совест“.

Image result for Сулејман Реџепи

Реџепи: Џамијата ќе биде довршена

Според Сулејман Реџепи, поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, Алипашината џамија во Охрид е многу стар и многу вреден монумент на исламската култура.

– Таа е објект со кој би се гордеел секој град на светот, ама ете, за жал, во нашиот Охрид има едно здружение на граѓани што се труди да ја спречи реставрацијата на таа убавина, на нејзиното минаре, кое од секогаш постоело и кое постоело и во оригиналниот изглед на џамијата. Ужас е само да помислиш дека „минарето ќе му наштети на ликот на градот“. Замислете да се реновира некоја од македонските цркви и некои граѓани да инсистираат таа да ја нема камбанаријата. И тоа би било ужас. Но таа џамија ќе биде довршена, бидете сигурни, бидејќи Бог ги сака своите домови. Верувам дека конструктивноста и здравиот разум ќе надвладеат над примитивните страсти и балкански инаети на себедокажување, чинејќи им неправда на другите. Прости им боже, не знаат што прават, објаснува поглаварот. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави