Охрид, 20. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Одложено е третото и последно продолжение од Надзорната расправа за Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион и сродната регулатива во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културно наследство кое беше закажано за денес.
Претходно од иницијативата Охрид SOS објавија дека доколку од оваа расправа како механизам за следењето на владата и нејзините политики во контекст на почитување на законите не произлезат заклучоци кои ќе бидат обврзувачки и со кои децидно ќе се пренесе нужноста од радикални промени во управувањето со регионот, очекуваат во најскоро време да бидеме преместени на Листата на светско наследство во опасност.
– Особено сме згрозени од кадрите на ДУИ кои како челници на едни од најважните институции – Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија и Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), грубо го злоупотребија времето предвидено за сведоштво пред Комисијата за култура читајќи од лист тривијални информации за регионот до кои дури и најнеупатените може да дојдат по едноминутно интернет пребарување. Згрозени сме и од градоначалникот на Струга за кого тампонирање во езеро е добредојдено и неопходно за развој, а кој за целото времетраење на расправата се однесуваше нецивилизирано, дофрлаше од место и вулгарно им се обраќаше на членови на Комисијата за култура. Министерот за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, Садула Дураки, и директорот на ДИЖС, Џезми Салиу, како и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко се партиски поставени кадри кои немаат ни основни познавања од функциите на кои се назначени. Како такви, тие се штетни за иднината на регионот и премиерот Заев е должен да ги замени со лица кои ги имаат потребните квалификации да ги водат овие институции, доколку е искрен во своите заложби да се отстранат од владата сите оние кои се неподобни за извршување на доверените задачи. Единствената иднина за регионот е одржлив и паметен развој кој ќе ги задржи дома младите едуцирани кадри истовремено зачувувајќи го нашиот, а светски, бесценет природен ресурс, реагираат од иницијативата. (Крај)
извор: Охрид SOS фото: архива