Охрид, 21. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“, на Денот на Охридското езеро, преку писмо побараа од македонските пратеници мораториум за инфраструктурни проекти во единственото светско природно и културно наследство во Македонија и доследно спроведување на Законот за управување со Охридскиот регион.
– Ви ги предадовме картичките со кои над 8 000 граѓани побараа мораториум за инфраструктурни проекти и доследно спроведување на Законот за управување со Охридскиот регион. Денес, точно една година подоцна, на истиот ден посветен на нашето најголемо природно и културно богатство, ви се обраќаме повторно – со истото барање и уште поголема загриженост. Тоа што најмногу не загрижува е евидентното избегнување на клучната мерка за спас на единственото УНЕСКО-подрачје во нашата земја – итно стопирање на деструкцијата на исклучителните универзални вредности, односно спроведување на приоритетната препорака бр. 6 на Реактивната мониторинг-мисија: прогласување мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации, барем додека не се завршат и спроведат сите релевантни документи. Спроведувањето на оваа мерка ја налага националното законодавство и за неа не се потребни никакви финансиски средства, човечки ресурси, време, итн. – потребна е само политичка волја, стои во писмото.
Активистите потенцираат дека единствено конкретно реализирање на една од 19-те препораки на Мисијата направи Управниот одбор на НП Галичица со одлуката за прекин на постапката за менување на планот за управување.
– Другите чекори, како формирање работна група за измени и дополнувања на Законот за управување со Охридскиот Регион, одлуката за спроведување стратешка оцена за влијанието врз животната средина на планот за управување со заштитеното подрачје, имаат потенцијално големо значење за исполнување дел од препораките на УНЕСКО, но во отсуство на клучната одлука за итен мораториум, овие активности имаат и голем потенцијал да бидат залудно потрошени финансии и изгубено драгоцено време, додаваат од Фронт 21/42.
Укажуваат дека додека дел од институциите се посветени на документите, некои од нив спроведуваат и активности што се во спротивност со препораките на Мисијата и последната одлука на Комитетот за светско наследство.
– Во февруари годинава Владата усвои информации што јасно покажуваат планови за продолжување на дел од постојните проекти, како и за нови крајбрежни трансформации; во јуни 2018 на италијанско-македонскиот бизнис-форум премиерот покани италијански компании да инвестираат во постојниот проект за Коридорот 8 за кој Мисијата има дури три препораки со кои се бараат суштински измени на трасите. Во јуни Министерството за транспорт и врски објави нацрт-стратегија за транспорт за периодот 2018-2030, во која не се внесени гореспоменатите препораки 1, 2 и 3 за Коридорот 8; а општините Струга и Охрид и понатаму дозволуваат градежни зафати, како трансформации на струшкото крајбрежје, хотелот во Лагадин, итн, се вели во писмото.
Не случајно УНЕСКО препорача прво итно спроведување мораториум, па потоа завршување на планските документи, препорака чие значење повеќепати беше истакнато од страна на претставникот на регионалната канцеларија на УНЕСКО во Венеција, Синиша Шешум, на министерската средба на 6-ти јуни во Охрид.
– Шешум ги извести македонските власти дека со тоа се загрозува и доведува во прашање тековната номинација на албанската страна на езерото за светско наследство. Она што можеше да се види од презентацијата на Шешум е поразителниот факт дека деструкцијата на исклучителните универзални вредности во Охридскиот Регион започнува во деведесеттите години на минатиот век и зема драматичен замав од 1998 наваму – сè до состојбата во која се наоѓа денес.
Невладините со апел и барање до пратениците да усвојат суштински заклучоци од надзорната расправа за Законот за управување со Охридскиот Регион и спроведување на препораките од УНЕСКО – заклучоци што недвосмислено ќе им наложат на сите засегнати институции итно спроведување на сите препораки започнувајќи од приоритетните: мораториум за сите крајбрежни и урбани трансформации и справување со илегалните градби. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива