Охрид, 21. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Тие стапуваат „на сцена“ кога е најтешко. Секогаш се онаму каде е помошта најпотребна, мотивирани од споменот на едни убави времиња, кога не се прашуваше „колку и за кого“, туку „каде е потребно да се помогне“.
Зад нив се неброени акции за помош, ЕКО и спортски акции. За нивните активности денес во „Радио Корнер“ на Супер радио разговаравме со Ацо Атанасов, потпретседател на Здружението на акцијаши „Брег на Младоста“.
Супер радио: За помладите генерации да објасните што означува акцијаштвото кое е фокус на Здружението „Брег на младоста“?
Атанасов: Здружението на акцијаши „Брег на младоста“ датира од 2013 година, а ја продолжува традицијата на акцијаштвото, кое со денешен јазик кажано означува волонтерство. Поодамна во едни други времиња ширум Југославија со акцијаштвото се градеа патишта, железници и разни други капитални објекти врз основа на акцијашка, односно волонтерска партиципација на младите луѓе.
Супер радио: На чија иницијатива се формираше Здружението на акцијаши?
Атанасов: Не би истакнувал имиња на личности. Бевме десетина луѓе кои активно учествувавме во тој акцијашки живот во поранешната држава. Бевме дел од две бригади, Младинската работна бригада „Дебрца“ и Младинската работна бригада „Илинден“. Од кадарот на бригадата „Илинден“ изникна иницијативата да се обнови акцијаштвото во Охрид.
Супер радио: Колку членови имате во Здружението?
Атанасов: Имаме повеќе од 100-тина повозрасни членови, но не радува тоа што имаме и повеќе од 250 помлади членови од 12 години па нагоре кои што се вклучени заедно со повозрасните во активностите на Здружението, како на пример засадување на садници, се вклучуваме во чистење на јавни површини и слично.
Супер радио: Оние кои што би сакале да се приклучат кон Вашите активности, каде да се обратат, како да ве најдат?
Атанасов: Преку ова прашање дојдовме до она што претставува проблем за нашето Здружение, а тоа е тоа што немаме постојано место, немаме канцеларија. Во преговори сме со локалната самоуправа да ни доделат некоја просторија каде што би се состанувале. Раководството на Здружението е познато кај охриѓани, па досега ни се обраќаат или лично или преку социјалните мрежи, каде што имаме своја страна.
Супер радио: Давате поддршка на голем дел културни, спортски и еколошки акции во Охрид, која е Вашата следна акција?
Атанасов: Се трудиме да партиципираме во сите манифестации кои што се од општо добро за заедницата. Така се вклучивме во „Охрид трчаТ“, во „Мој охрид, Чист Охрид“, а ќе се приклучиме и кон останатите кои допрва ќе се организираат во Охрид, но и пошироко во Републикава и Балканот. Меѓу активностите кои ни се во скоро време е одбележување на 55 годишнината од Скопскиот земјотрес, а по тој повод во Скопје се подготвуваат активности и манифестација која ќе се одржи од 22-ри до 25 јули, ќе биде налик на поранешните работни акции. Таму ќе учествуваме со една целосна младинска бригада со околу 50 учесници.
Супер радио: Има ли во Република Македонија вакви слични здруженија како Вашето?
Атанасов: Врз основа на нашиот терк се формираа неколку здруженија во Скопје, во Куманово, а на пат да формираат се и во Прилеп и Штип. Ние организациски им помогнавме на сите. Инаку ние имаме соработка со многу акцијашки Здруженија од целиот Балкан.
Супер радио: Која е основната цел на постоењето на Здружението на акцијаши „Брег на малдоста“?
Атанасов: Вистинската цел на постоењето на „Брег на младоста“ е кај младите да создадеме и внесеме и после нас да ја оставиме желбата за акцијашко ангажирање кое означува волонтирање, а тоа е работно ангажирање за заедницата без матиријална надокнада.
Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес