Охрид, 3. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Голем број охриѓани, но и од други градови, христијани, но и припадници на други вери, синоќа и денес се слеваат кон манастирскиот комплекс „Св. Наум“.
Некои со автомобил, некои со брод, дојдоа во манастирот, палеа свеќи и му се помолија на светецот чудотворец за здравје, среќа и благосостојба.
Свети Наум најголемиот дел од својот живот го поминал во манастирот на јужниот дел од Охридското Езеро кој сам го изградил. Освен по книжевната работа меѓу народот бил познат и како исцелител и за време на својот живот излечил многу луѓе, особено душевно болни. Познат е и како чудотворец бидејќи се зборува дека направил многу чуда, а некои од нив се претставени и на фреските од неговиот манастир како онаа на која е претставен како ја впрегн ал мечката да го влече плугот наместо волот што го изела.
Манастирскиот комплекс „Свети Наум“ низ вековите важел за мистично место каде голем број луѓе доаѓале да се помолат и да побараат лек за својата мака. И денес тука секојдневно доаѓаат намерници, не само од христијанската вера, да остават дар, курбан и да се поклонат на гробот на големиот светец кој се смета дека има чудотворна моќ. Ова култно место крие бројни тајни и интересни приказни кои се пренесуваат од колено на колено. Се смета за чудотворно по делата на светецот, а посетителите ден денес раскажуваат за бројни необични случки што ги доживуваат во Свети Наум. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес