Струга, 26. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Наставниците од О.У. „Јосип Броз Тито“ од Струга испратија отворено писмо до јавноста поради последните случувања со штрајкот во образованието.
Почитувани граѓани, родители, медиуми,
Веќе петти ден како образованието во нашата држава е во штрајк со цел да добие исполнување на веќе поставените барања кои јасно ги искажаа нашите колеги од другите училишта. Како неми сведоци гледаме што се случува во државата, а притоа никој не води грижа за проблемите на наставниците кои секојдневно стануваат се поголеми. Во контекст на ова отворено писмо, како поддржувачи на нашите колеги од целата држава, сакаме да кажеме неколку работи:
На почетокот од септември беше закажан генерален штрајк на просветните работници бидејќи СОНК не успеа да преговара со ресорните министерства за барањата на истите, но штрајкот се стави во мирување по барање на министерствата за образование, култура и предучилишно образование со ветување дека ќе се преговара за барањата на просветните работници. Потоа се формираа комисии од двете страни, но без никаква корист, ништо не се постигна. Во овие четири месеци честа и достоинството на просветните работници се прекрши уште еднаш со тоа што во парламентот беа донесени дополнителни закони со што уште повеќе се намалија правата на вработените во овие дејности.
Затоа, ние, наставниците и другите просветни работници бевме присилени на штрајк! Бевме присилени затоа што сакаме гласно да кажеме дека институцијата Наставник треба да се почитува бидејќи колевката за знаењата на децата доаѓа токму од нив! Наставникот свесно одговара пред општеството за своите дела преку воспитување и образување на идни поколенија!
Нашето деградирање треба да престане уште сега со заедничка поддршка на сите колеги од целата држава, дури и од оние кои згрчено седат на часови додека другите штрајкуваат. Поддршката ни е потребна и од родителите и сите граѓани во нашава мила држава, бидејќи достоинството не‘ поттикнува и понатаму да создаваме интелекти кои ќе бидат огледало на нашето општество.
Сакаме да кажеме гласно СТОП на казните со кој секојдневно се заплашува наставникот! Административната работа е само губење време кое наставникот може да го исполни со создавање иновации кои може да ги воведе во наставата.
Почитувани колеги, дозволете сите гласно да кажеме НЕ на сите притисоци и навредувања! Сите да ги охрабриме и оние кои најмногу се плашат и да ни се придружат бидејќи заедно сме посилни! Нашите работнички права треба да ги добиеме бидејќи од нас доаѓа образованието на сите, од нас започнува да се глаголи писмото со кое сите зборуваме!
Почитувани, сигурни сме дека нашите барања ќе ги прочитаат сите граѓани, родители на нашите ученици и истите ќе се сложат да подадат рака кон нас, бидејќи и ние наставниците сме со достоинство и почит! Нашата подадена рака, прегратка еден кон друг не подразбира книшка обоена во боите на нашите партии, туку книшка подадена со љубов и работа. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива