Охрид, 7. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со денешниот празник Иванден се поврзани многу обичаи и верувања, кои најмногу се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ.
Верувањето пак дека тој ден играло сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.
Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат. Имено вечерта спроти празникот се бери папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ.
Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.
Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иванден, кое што го ставаат на ковчезите со алиштата за да ги чува од молци.
Ефтим Спространов запишал дека во Охрид на Иванден ги ваделе „рутишчата“, ги распостилале по прозорците за да ги види сонцето и ги оставале да ветрејат. И во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека тој ден во Воден, треви лековити „висеет на дуќаните за да имает повеќе покупници“.
За вакво вадење од ковчезите на најубавите облеки пишува и Кузман Шапкарев кој напоменува дека надвор ги чуваат до заоѓањето на сонцето за да не ги јадат молци. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива