јуни 28, 2019

Скопје, 28. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од 1-ви јули стапува на сила Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на граѓаните, кој синоќа го изгласаа пратениците.

– Со донесувањето на Законот, физичките лица ќе имаат право на враќање на дел од платениот данок на додадена вредност, при што тие самите на некој начин ќе бидат инспектори, односно ќе бараат да им се издадат фискални сметки. Поради тоа се очекува и зголемување на регистрираниот промет преку фискални системи на опрема, како и зголемена наплата на даноците, односно намалување на даночната евазија од даночните обврзници, стои во образложението на Законот.

Граѓаните ќе имаат право да вратат 15 отсто од данокот на додадена вредност искажан во фискалните сметки, при што износот на пресметан данок од кој ќе се враќа данокот изнесува најмногу 12.000 денари во едно тримесечје.

За остварување на ова право, граѓаните ќе треба да ги пријавуваат податоците од бар кодот на фискалните сметки кои ги добиваат при купувањето, преку апликативен софтвер за оваа намена на Управата за јавни приходи.

Највисокиот износ на поединечна фискална сметка за која може да се оствари правото на враќање на данокот е ограничен на 30.000 денари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука