Питешти/Охрид, 28. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Успешни настапи и позитивни критики доби охридскиот градски мешан хор „Вокс Лихнидос“ на гостувањето во Романија.
Членовите на хорот под диригентската палка на Бурим Хидри ги добија симпатиите на присутната публика во градот Питешти и во катедралата Аргеш, а во рамки на 27-то издание на реномираниот Меѓународен фестивал за хорска и инструментална музика „Д.Д Киријак“. Хористите изведоа хорски и религиозни композиции.
– Првата вечер настапивме во салата „Лумина“ на културниот центар на областа Аргеш и се претставивме со шест композиции. Вториот ден настапот беше во прекрасната катедрала „Дворот на Аргеш“, која имаше одлична акустика, а настапивме со четири религиозни композиции. Ова беше одлична можност за размена на искуства и воспоставување на контакти. Во иста вечер со нас настапија и хорови од Албанија, Грција и домаќинот Романија. Поразговараме за нашите планови во иднина, па можно е да оствариме гостувања и кај нив. Јас сум презадоволен од нашите настапи, а потврда добивме и од публиката и колегите кои присуствуваа на фестивалот, истакна за Супер радио и OhridPress диригентот Хидри.
Покрај настапите, хористите имаа и организирана туристичка посета на некои од позначајните историски и културни обележја на Питешти.
По враќањето, хористите се подготвуваат за следниот предизвик. „Вокс Лихнидос“ е организатор на концерт, кој ќе се одржи на 10-ти јули од 20:00 часот, во Католичката црква во Охрид, а учество ќе земат хорови од Србија, Косово и Бугарија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес