јуни 28, 2019

Охрид, 28. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охрид ќе биде домаќин на врвните светски готвачи во рамките на натпреварот, кој под мотото „Don’t Worry, Be Ohrid!“, од 10-ти до 14-ти октомври ќе се одржи во Охрид.

Четвртиот Интернационален Гастрономски Натпревар – ГастроМак 2019 годинава ќе се одржи во охридскиот хотел „Нова Ривиера“, соопштија од Асоцијацијата на готвачи и шефови на кујни од Македонија – „ГастроМак“, најавувајќи го овој исклучително високорангиран интернационален натпревар на готвачи од светот кој што по четврт пат се случува во нашата земја.

Од „ГастроМак“ додаваат дека на големиот кулинарски настан ќе присуствуваат околу четиристотини учесници-натпреварувачи, судии и почесни гости и гастрономски амбасадори од многу земји и, практично, ќе го донесат светскиот гастрономски „крем“ кај нас. Натпреварот оваа година ќе се одвива под мотото „Don’t Worry, Be Ohrid!“ и ќе биде логистички поддржан од WACS – World Association of Chefs Societies, Светската организација на шефови на кујни, асоцијација која што ги обединува националните кулинарски здруженија од преку 150 држави во светот.

Со оглед на одличните одгласи во пошироката јавност за нашите проекти од минатите година, почестени сме да ве информираме дека оваа година манифестацијата ќе ја поткренеме на уште повисоко рамниште! Светската гастрономска јавност со месеци зборуваше во суперлативи за минатогодишниот настан, така што и годинава, во Охрид, мораме да го одржиме и да го надминеме заслуженото реноме. Со домаќините – општина Охрид и хотелот „Нова Ривиера“, сигурни сме дека и оваа година ќе направиме настан за долго паметење, изјави Адријана Алачки, претседателката на „ГастроМак“.

ГастроМак 2019 ќе биде годишна натпреварувачка ревија на шефови на кујни од глобални размери, а нашата земја ќе ја има честа поворно да угости великани во светската гастрономијата, познати шефови и натпреварувачи од неколку континенти.

– Овој настан има за цел да ја поттикне и унапреди гастрономската понуда и да ги промовира техниките за подготовка на храна, кои ги применуваат најпознатите светски готвачи. Ние како локална самоуправа и јас како градоначалник, секогаш ќе бидеме подготвени за поддршка на вакви настани, кои се во насока на промоција на Охрид како туристички центар и настани кои придонесуваат за збогатување на туристичката понуда на нашиот град надвор од шпицот на летната туристичка сезона, изјави градоначалникот на општина Охрид, д-р Константин Георгиески.

Image may contain: 3 people, people sitting, table, tree and outdoor

Од хотелот „Нова Ривиера“ се убедени дека ќе бидат и повеќе од добри домаќини на светската гастрономска елита.

– Ќе направивме сè што е можно и неможно организацијата и натпреварувањето на ГастроМак 2019 да помине во најдобар ред, сите од тука да си отидат со позитивни впечатоци и да посакаат повторно да се вратат, вели директорот на „Нова Ривиера“, Јане Тодороски.

Како единствена и ексклузивна национална асоцијација која што и формално ја претставува државата во интернационални рамки под закрилата на WACS, во „ГастроМак“ нагласуваат дека целта на Асоцијацијата е да се грижи за богатата гастрономска традиционална култура на нашето македонско поднебје, како и промоција и воведување на светските кулинарски трендови во чекор со современата македонска кујна. (Крај)

извор: Република.мк фото: Република.мк

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука